Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во април 2022 година изнесува 31.525 денари, додека бруто-платата за истиот месец изнесува 47.092 денари, соопшти Државниот завод за статистика.
Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во април 2022 година, во однос на април 2021 година, изнесува 110.9. Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: објекти за сместување и сервисни дејности со храна (24,8%), уметност, забава и рекреација (20,1%) и административни и помошни услужни дејности (17%).
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: дејности на здравствена и социјална заштита (8,3%), градежништво (5,6%) и дејности во врска со
недвижен имот (4,5%).
Од ДЗС додаваат дека индексот на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во април 2022 година, во однос на април 2021 година, изнесува 111.0.
Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во секторите: објекти за сместување и сервисни дејности со храна (25,5%), уметност, забава и рекреација (21%) и административни и помошни услужни дејности (17,4%). Зголемување на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: дејности на здравствена и социјална заштита (8,5%), градежништво (5,2%) и снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината (4,5%).