Личните примања и пензии во Хрватска не би можеле многу да се зголемат поради инфлацијата, кога земјата ќе премине од куна во евро. Ако се земе како релевантен податокот за просечната нето плата во ЕУ во 2021 година која изнесувала 1.916 евра месечно, тоа значи дека на Хрватска и се потребни околу 1.000 евра за да го достигне просекот на ЕУ. Во Австрија, просечната нето плата лани била 2.053 евра, а во Белгија 2.091, пишува „Слободна Далмација“.
Просечниот нето приход на Бугарија лани бил 413 евра, а во Хрватска 797 евра, додека Словенците во 2021 година во просек добивале 1.038 евра.
За нијанса подобри од Хрватите беа Чесите со нето плата од 813 евра, а многу подобри Данците со 3.100 евра кои се на врвот на Европа. По нив следуваат Швеѓаните со плата од 3.062 евра.
И Естонците се подобро платени од Хрватите, со просечна плата од 958 евра нето, а малку послаби се Летонците – 648 евра и Литванците – 645 евра. Но, затоа жителите на Кипар добиваат одлични 1.658 евра. Малта добро заработува и од хрватска перспектива. Станува збор за 2.261 евро просечна плата.
Следат богатите земји: Финска со 2.509 евра, Франција со 2.157 евра и Германија со 2.270 евра просечна плата.
Просечниот Грк заработува 917, Португалецот 846, Полјакот 736, Словакот 690, а Унгарецот 683 евра. Во Романија просечната нето плата е 522 евра, па само Бугарите во ЕУ се посиромашни од нив со веќе споменатите 413 евра.
Просечната нето плата во Италија е 1.762 евра, а во соседна Шпанија 1.718 евра. Вистински „тешкаши“ се Исланѓаните со 3.435 евра и Луксембуржаните со 3.009 евра, потоа Ирците со 2.479 евра и Холанѓаните со 2.263 евра.