Просечната месечна нето-плата по вработен во мај годинава изнесуваше 25 270 денари или 411 евра, објави Државниот завод за статистика, ДЗС. Според податоците на ДЗС, индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во мај 2019 година, во однос на мај 2018 година, изнесува 103.1. Ваквото зголемување се должи, пред сè, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Транспорт и складирање (10.0 %), Градежништво (7.4 %) и Дејности на здравствена и социјална заштита (7.2 %).
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување (16.5 %), Градежништво (3.9 %) и Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (3.6 %).
Во споредба со граѓаните од земјите од регионот, Македонците имаат најниски плати.
Хрватска има просечна плата од 842 евра, зад неа е Црна Гора со 511 евра, а на трето место е Босна и Херцеговина со просечна плата од 454 евра. Просечната плата во Косово е 442 евра, што е за 22 евра повеќе отколку во Србија. Србите имаат просечна плата од 420 евра.
Македонија со години наназад заостанува зад регионот, а сите земји од соседството се далеку од стандардот во Европската Унија. Според некои прогнози, на балканските земји ќе им бидат потребни децении за да ги стигнат земјите од ЕУ.
Земјата со највисока просечна месечна нето-плата во Европската Унија е Луксембург, додека на последното место е Романија, покажуваат податоците од францускиот Економски институт „Молинари“ .
Просечната месечна нето-плата во Луксембург е 3.151 евро, додека во Романија таа изнесува само 321 евро.
Просечна плата повисока од 2.000 евра земаат граѓаните на 11 земји.