(ПРОШИРЕНА ВЕРЗИЈА) Путин вели дека војната ќе продолжи сѐ додека Киев не се согласи на договор

Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот изјави дека војната во Украина ќе продолжи сѐ додека Киев не се согласи на договор што ќе ги земе предвид безбедносните грижи на Русија и нагласи дека целите на „специјалната војска операција“ да се постигне „со мило или со сила“.

Одговарајќи на прашања на традиционалната годишна прес-конференција, Путин рече дека целите во Украина не се променети и дека руските сили напредуваат на повеќето фронтови.

Главните цели остануваат денацификацијата, демилитаризацијата и украинската неутралност, рече тој. „Мирот ќе завладее кога ќе ги постигнеме овие цели“, додаде Путин.

„Што се однесува до демилитаризацијата, ако тие (Украинците) не сакаат договор, тогаш ние сме принудени да преземеме други мерки, вклучително и воени“, продолжи Путин.

„Или ќе се договориме за одредени параметри (големината и силата на украинската армија) или ќе го решиме тоа со сила“, предупреди тој.

Путин, исто така, ја отфрли можноста за нова мобилизација, велејќи дека таа во моментов не е потребна.

„Не се намалува вклученоста на луѓето кои се подготвени да ја бранат својата татковина со оружје в рака. Заедно со доброволците треба да има околу половина милион луѓе. Засега нема потреба од мобилизација“, рече Путин, додавајќи дека во моментов на боиштето во Украина има но 617.000 руски војници.

 

Русија присилена на потегот, војната во Газа нема сличности

Путин рече дека украинските сили кои ја преминале реката Днепар се запрени и истиснати. Претходните денови и западни воени аналитичари оценија дека тој потег на украинските сили бил „самоубиствен“, поради реалната неможноста да се воспостави широк понтонски премин преку големата река, ниту масивна инвазија на спротивниот брег. Поради тоа, според информациите од боиштето, префрлените украински сили се вкопале и се под постојан удар на руската војска која речиси ги елиминирала.

„Се чини дека пристапот на Украина е дека додека тие одат наоколу молејќи го Западот за помош, дека треба да покажат дека украинските сили имаат некакви шанси да постигнат каков и да е успех, без оглед на жртвите. Едноставно кажано, тие беа протерани од таму (од источниот брег на Днепар) и тоа е сѐ“, рече Путин.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски инсистира дека нема разговори со Москва додека руските трупи не се повлечат од Украина и бара помош од Западот да ја одбрани неговата земја. Путин вели дека ентузијазмот на Западот за обезбедување воена и финансиска помош за Украина се намалува, но засега тој верува дека Киев ќе продолжи да ја добива.

Путин повтори дека главната причина за конфликтот е проширувањето на НАТО кон истокот до самите руски граници, вклучително и желбата на Украина да се приклучи на воениот сојуз на Северноатлантскиот договор. Потсети на договорот што го понуди Русија од декември 2021 година за постигнување договор кој ќе ја гарантира нејзината безбедност, што го отфрлија САД и НАТО.

„Сево ова доведе до оваа трагедија… Нѐ принудија да направиме нешто“, рече Путин.

„Кога ќе дојде до промена на внатрешно ниво (во САД), кога ќе почнат да ги почитуваат другите луѓе, да бараат компромис наместо да ги решаваат своите проблеми со санкции и воена интервенција, тогаш ќе бидат создадени основните услови за целосно обновување на односите“, рече Путин одговарајќи на прашањето за перспективата на односите со Вашингтон.

Путин рече и дека војната во Украина и војната во Газа се сосема различни работи.

„Нема ништо слично на она што (се случува во Газа). Генералниот секретар на Обединетите нации денеска го нарече Појасот Газа најголемите детски гробишта во светот. Тоа е објективна проценка“, посочи тој.

Русија вели дека нејзините воздушни напади не се насочени кон цивили, иако официјални лица на ОН рекоа дека повеќе од 10.000 Украинци се убиени и 18.000 ранети откако десетици илјади руски војници ја нападнаа Украина на 24 февруари 2022 година. Меѓутоа, ниту ОН ниту западните организации за човекови права не ги споменуваат цивилните жртви во побунетите проруски региони по превратот во Киев во 2014 година и нападот на украинската војска врз тие области.

 

Прашањето за притворените Американци

Рускиот претседател рече и дека се надева на договор што ќе доведе до ослободување на двајца Американци приведени во Русија, пред сѐ новинарот Еван Гершкович, кого руското правосудство во четвртокот одлучи да го задржи во притвор по обвинението за шпионажа и обид за собирње информации за рускиот воено0индустриски комплекс.

„Сакаме да постигнеме договор“, рече тој.

САД на почетокот на декември соопштија дека Москва го отфрлила предлогот што би довел до ослободување на Гершкович, новинар на The Wall Street Journal, уапсен оваа година под обвинение за шпионажа, и поранешниот маринец Пол Вилан, кој е во затвор од 2018 година под истото обвинение.

„Не е лесно, но на крајот мислам дека се разбираме. Се надевам дека ќе најдеме решение“, рече Путин.

Вештачка интелигенција


Путин, истоп така рече дека Русија треба да стане лидер во вештачката интелигенција, повторувајќи ја неговата желба Москва да не заостанува во глобалната технолошка сфера. Минатиот месец тој истакна дека не треба да му се дозволи на Западот да има монопол на вештачката интелигенција.

На прес-конференција, се чинеше дека Путин накратко остана без зборови кога се соочи со негова верзија којашто ја генерирала вештачката интелигенција.

„Владимир Владимирович, поздрав, јас сум студент на Државниот универзитет во Санкт Петербург. Сакам да прашам дали е вистина дека имате многу двојници?“, праша виртуелниот двојник предизвикувајќи смеа кај присутните во салата.

Прашањето предизвика ретко двоумење кај Путин, во неговиот четврти час одговарање на прашања.

„Гледам дека можеби личиш на мене и зборуваш со мојот глас. Но, размислував за тоа и решив дека само една личност мора да биде како мене и да зборува со мојот глас, а тоа да бидам јас“, рече Путин.

Не е невообичаено во западните медиуми да се шпекулира дека Путин има еден или повеќе двојници кои го покриваат во некои јавни настапи поради наводни здравствени проблеми. Кремљ го негираше ова и соопшти дека здравјето на претседателот е одлично.