Големата сојузна порота на САД го прошири обвинението за Џек Тешеира, 21-годишниот млад припадник на Националната гарда осомничен дека на интернет објавил голем број доверливи документи, меѓу кои и за војната во Украина и за американските сојузници, што администрацијата во Вашингтон ја донесе во непријатна ситуација.
Поротата со седиште во Бостон го обвини Тешеира по уште шест точки за „намерно задржување и пренесување информации кои се означени како важни за националната одбрана“, а за секоја од нив му се заканува и до десет години затвор.
Големата сојузна порота во Соединетите држави е група неселективно избрани граѓани која има големи овластувања во истрагите.
Младиот припадник на Националната гарда на американското воено воздухопловство, уште во април беше обвинет за „неовластено задржување и пренесување информации во врска со националната безбедност“, како и за „неовластено земање и задржување доверливи документи и материјали“, за што е предвидена казна од десет, односно од пет години затвор по второто обвинение.
Американскиот министер за правосудство Мерик Гарланд, кој воедно е и главен обвинител, изјави дека за Тешеира ќе бара „многу тешка казна“.
Тешеира се товари дека како стручњак за информатија и комуникации во базата Кејп Код, близу Бостон, објавил доверливи информации на социјалната мрежа Discord кои подоцна биле проширени на другите социјални мрежи.
Во тие документи американските разузнавачки агенции изразуваат загриженост за изводливоста на украинската противофанзива против руските сили. Во нив, исто така, се наведува дека Вашингтон активно собира разузнавачки податоци и за најблиските сојузници, меѓу кои се и стратешки важните регионални партнери Израел и Јужна Кореја.
Случајот ја доведе администрацијата во Вашингтон во непријатна позиција и го поттикна прашањето за можните слаби точки во националната безбедност, бидејќи млад војник и покрај нискиот чин, добил пристап до чувствителни информации.