Просветниот инспекторат ќе го проверува случајот со приредбата во училиштето во Челопек

Државниот просветен инспекторат ќе го проверува случајот со Основното училиште „7 март“ во селото Челопек, каде за време на приредба учениците носеа пластични пушки и беа облечени во униформи на ОВК. Во изјава за Канал 5, министерката за образование кажа дека доколку се утврди прекршување на Законот за основно образование, како и на принципите на демократија, соживот, емпатија и базични човекови вредности, кои треба да се промовираат во училиштата, ќе има санкции и за директорот и за наставниците. Таа не ја исклучи и можноста да пријават во полиција, доколку се утврди злоупотреба на правата на децата.

„Кога во училиштето ќе се појави некаква приредба во која се промовира милитантизам со униформи на нерегуларна војска со амблеми и со играчки пушки и пиштоли не укажува на овие вредности. Затоа ќе испратиме Државен просветен инспекторат да провери дали се работи по план, дали е ваквата приредба пријавена, кој ја одобрил ваквата приредба и се друго што значи соодветно работење на раководството, дали одговара на Законот за основно образование, каде се вели дека нема да има дискриминација“, посочи Јаневска.

Видеото од приредбата кое беше објавено на Фејсбук страната на училиштето, сега е тргнато од социјалните мрежи.

За случајот вчера информираше министерката Јаневска која изрази загриженост и разочараност од раководството на училиштето, наставниците и родителите. Според сознанија на министерството слични активности имало и во две други училишта за кои Јаневска најави дека ќе испрати инспекција.

„Апелирам до сите останати училишта да се оградуваат од вакви активности, да промовираат вистински човечки вредности и да се заложат да градат генерации опремени со знаење, а не со оружје. Генерации кои ќе ја сакаат земјата во која се родиле и растат и ќе ги почитуваат другите независно на етничката, верската или каква било друга разлика. Тоа е вистинската цел поради која се отвораат и постојат училиштата“, напиша Јаневска.