Протест на граѓаните против сечата на дрвјата на улицата Орце Николов

Под паролата „Кога пилите ќе стивнат”, денеска точно на пладне во 12 часот, во близина на ресторанот „Пепер“ во Дебар Маало ќе се одржи мирен граѓански протест во знак на револт од сечењето на дрвјата при реконструкцијата на улица Орце Николов од службите на Општина Центар.

Протестот е во организација на коалицијата на локални граѓански здруженија ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД, и има поддршка од сите релевантни фактори во областа на екологизмот и урбанизмот.

Како причина за овој протест органоизаторите  го наведувааат неодговорниот и манипулативен однос на властите, кои го оправдуваат овој најнов масакр врз кревкото градско зеленило со наводна дотраеност на дрвјата, иако повеќето од исечените дрвја беа со зелени крошни и обезбедуваа воздух и сенка за локалните жители.

– Со ваквите нетранспарентни и антинаучни одлуки, властите потврдуваат дека немаат никакво разбирање за критичната состојба со животната средина, и дека немаат слух за потребите на скопјани – велат организаторите.

Според програмата на протестот, активистите и граѓаните најпрвин ќе застанат во круг околу местото на злосторот, и со минута молк и оставање цвеќиња ќе им оддадат почит на дрвјата кои беа последната колатерална штета на разулавената градежна офанзива.

По овој симболичен гест, протестот ќе биде префрлен кај дрвјата во близина на Синдикат кои сѐ уште стојат, но се планирани за сечење, со цел да се испрати порака кон властите дека е неодржливо и недозволиво да се продолжи со ваквиот екоцид.