
Во повеќе српски средини во поранешната српска јужна покраина Косово во петокот беа одржани едночасовни протести поради „полицискиот и политички терор на Приштина“ откако припадниците на специјалната единица на Косовската полиција (ROSU) уапсија рано утрото во петокот во северниот дел на Косовска Митровица четворица Срби, при што се слушале и истрели и сирени за тревога, но и поради одлуката на властите во Приштина да ги зголеми за 100 отсто царините за стоките од Србија.
”.
Единици на меѓународните сили на Косово, КФОР, денеска се распоредени во близина на протестите на косовските Срби, организирани против одлуката на владата на Рамуш Харадинај за зголемување од 100 отсто на таксите за увоз на производи од Србија. Според косовските медиуми, силите на КФОР се ставени во состојба на зголемена борбена готовност.
Србите во четири места во северниот дел на Косово, во северна Митровица, Зупче, Јариње и Мердаре, протестираа и против апсењето на четворица Срби од страна на специјалните полициски единици утрово во Митровица.
Тројца од уапсените во денешната акција се осомничени за убиството на лидерот на косовските Срби Оливер Ивановиќ во јануари годинава, а двајца од нив се припадници на косовската полиција.
Косовското Специјално обвинителство соопшти дека во акцијата што утрово ја спроведоа специјалните полициски единици о северна Митровица се уапсени четири лица осомничени за убиството на Оливер Ивановиќ и е пронајдено оружје и друг доказен материјал.
Во соопштението на обвинителството се наведува дека во акцијата е извршен претрес на неколку објекти и имоти, за кои имало сознанија дека во нив може да се откријат значајни докази за кривичното дело, односно за досега нерасветленото убиство на Ивановиќ, еден од лидерите на косовски Срби.
„Со цел да се спроведат законските процедури за обезбедување докази за апсењето на осомничените лица за кривичното дело – убиството на Оливер Ивановиќ, врз основа на барање на Специјалното обвинителство на Република Косово и писмениот налог од судија во претходна постапка од тешки злосторства во Приштина, претресени се неколку објекти и имоти во северниот дел на Митровица, затоа што е оценето дека има реални можности на тие места да се откријат и запленат значајни докази за кривичното дело“, се вели во соопштението на обивнителството.
Во акцијата, како што се наведува, „полицијата на Косово пронајде илегално оружје и други материи кои претставуваат кривично дело и за кои се постапува според службена должност“.
Оливер Ивановиќ беше убиен во јануари годинава во северна Митровица, недалеку од неговиот дом, пред седиштето на неговата партија, Граѓанската иницијатива СДП и досега немаше речиси никакви информации за сторителите и мотивите за убиството.