Протест на вработените во ЈП „Улици и патишта“ пред Град Скопје

Вработените во јавното претпријатие „Улици и патишта“ протестираат пред Град Скопје, бидејќи не земале плата за ноември. Тие упатија порака до градоначалничката Данела Арсовска дека очекуваат претпријатието да добие одблокирана сметка, како и да добијат К-15.

Протестот е организиран од Независниот синдикат во јавното претпријатие, при Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ).

Оттаму велат дека претпријатието е во очајна состојба, се доцни со исплатата на плата, сметката е блокираноа поради долгови кон добавувачи, нема ризла и нафта за работа, а дел од машините се расипани бидејќи не се сервисираат редовно.

Во официјално соопштение на ЈП Улици и патишта Скопје, се тврди дека протестот е политички мотивиран.

„Мицкоски пред да продолжи да прави штета на скопските претпријатија и Градот Скопје, би требало да ги информира граѓаните дека вработените во ЈП Улици и патишта Скопје имаат земено плата па од таму нејасно е зошто синдикатот протестира.
Истовремено Мицкоски треба да ги информира дека за линеарно зголемување плата и К15, што се барања на синдикатот одлука носи Управниот одбор на претпријатието чии членови се избрани токму од ВМРО-ДПМНЕ.
Воедно само на претседателот на синдикатот КСОМ Марјан Ристески, му е нејасно зошто е пред бараките на град Скопје, кога одлуките кои ги бара ги носат членовите на Управниот одбор на ЈП Улици и патишта Скопје избрани од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на синдикатот КСОМ Марјан Ристески, треба да се изјасни зошто не се бори за правата на вработените во државното претпријатие Железници каде работи, на кои со месеци им се доцни со плата.
Зошто Марјан Ристески како синдикалец за вработените во државното претпријатие Железници каде работи, не протестира да бара линеарно зголемување плата, исплата на К15 и наградна плата и не протестира пред Железници“, стои во соопштението на ЈП Улици и патишта Скопје.