Протест на земјоделците и на транспортерите во Романија, блокади на патиштата низ земјата

Стотици романски земјоделци и возачи на камиони протестираа денеска на граничниот премин со Украина и во близина на поголемите градови низ земјата додека продолжуваат преговорите со владата за високите трошоци за водење бизнис.
Тие протестираа главно против високите цени на дизелот, скапите осигурителни полиси, мерките на ЕУ за заштита на животната средина и особено против притисокот на увозните украински земјоделски производи на домашниот пазар.

Колони трактори и камиони почнаа да се собираат пред шест дена на националните автопати, главно во близина на поголемите градови, блокирајќи го сообраќајот.

Демонстрантите бараат мораториум на отплатата на заемите, побрзо плаќање на стимулации и специјални линии на граничните премини и на црноморското пристаниште Констанца за камиони од ЕУ и камиони надвор од европскиот блок, вклучително и Украина.

Капетанијата на пристаништата во Констанца соопшти дека протестите не ги нарушиле пристанишните активности.

Украина е еден од најголемите извозници на жито, а Констанца стана најголемиот извозен алтернативен пат кон Киев од почетокот на руската инвазија пред речиси две години.

Група источни членки на ЕУ уште еднаш побарале од Европската комисија да ги елиминира нарушувањата на пазарот на жито предизвикани од евтиниот украински увоз, соопшти денеска унгарското Министерство за земјоделство.

Министрите за земјоделство на Бугарија, Полска, Унгарија, Романија и Словачка во писмо до еврокомесарот за земјоделство Јануш Војчеховски ги истакнаа загубите на пазарот што ги забележаа производите на нивните земјоделци поради увозот од Украина, напиша министерот Наѓ во соопштението за печат.

Тие земји бараат од ЕУ да воведе увозни давачки за украинското жито, наведувајќи ја како причина нелојалната конкуренција.