Протест се одржа денеска пред Владата за поддршка на палестинскиот народ. Во говорите преовладаа пораките за мир, солидарноста и критика на империјалистичките центри на моќ, кои овозможуваат како што порачаа злосторствата на Израел да останат неказнети.
„Се собравме како наша човечка должност, за да покажеме дека не успеаја да го убијат човечкото во нас“, кажа активистот Здравко Савески.
Протестот беше организиран од левичарскиот и само-организираниот социјален центар „Дуња“. На протестот говореа членови од центарот, како и активист од Грција.Се читаа песни од палестинскиот поет Махмуд Дарвуш, како и песна за Палестина напишана од битолскиот поет Панде Манојлов.
„Народите кои немаат империјалистичка поддршка, како што нема палестинскиот народ, се колатерална штета на големите геополитички и геостратешки игри на империјалистите. Меѓународната заедница молчи пред овој апартхејд и етничко чистење врз палестинскиот народ. Ние денес цврсто стоиме со нив; палестинскиот народ ја има поддршката на работничката калса од целиот свет“, рече Џејлан Велиу.
Пораките кои се скандираа вклучуваа: „Запрете ја војната“, „Free Palestine“ („Ослободете ја Палестина“), „Империјализмот долу“, „Израел терористи“. На транспарентите на демонстрантите се пренесоа секакви пораки, вклучувајќи: „Санкции за Израел“, „Против присилно иселување“ и „По Сребреница рековте никогаш пак“.
Говореше и активист од Грција кој потенцира дека ниту ја поддржува владата на Нетанјаху, ниту пак е некаков религиозен опскурантизам, туку дека е во солидарност со палестинскиот народ и со сите Израелци кои се противат против нивниот режим. Потенцира дека нивната борба е иста, а тоа е меѓународна борба против национализмот, капитализмот, милитаризмот, патријархатот – проблеми кои се присутни и на Балканот.
„Има преку 5.000 убиени деца. Во Македонија има градови со помалку од 5.000 жители. Замислете цел град да снема. Што им згрешиле тие деца? Тие ли се Хамас? Ја исклучуваат струјата во болниците, па мораат да извадат новороденчиња од инкубатори. Која нечовечност е тоа? Убиени се повеќе од сто работници на Обединетите нации. Еден работник на ОН да бил убиен на друго место, веднаш ќе имаше строга реакција против тој режим во таа земја. Овде не е еден убиен, туку сто. Како да молчиме“, праша Савески.
Протестот почна две верзии на работничката химна „Интернационалата“, на арапски и на хебрејски јазик, „бидејќи мир и правда не треба само за Палестинците, туку и за Израелците“.
фото: Слободен печат