Протест против масовното труење на животни

Активистите и љубителите на животни протестираа пред Собранието со цел да се привлече вниманието на надлежните институции и широката јавност за нехуманиот третман кон животните.

Протестот доаѓа како реакција на труењето на кучињата, кое зачести особено по нападот што се случи во Аеродром, во кој беа искасани и неколку деца.

100 кучиња починале од изеден отров во период од половина месец, раскажуваат граѓаните кои денеска се собраа во паркот „Жена Борец“ за заштита на кучињата. Не е решение да се фрли отров за да се сопре она што пак потекнува од човекот. Неправилното чување на кучињата нехуманиот однос кон скитниците нивното тепање и малтретирање ги прави да бидат агресивни.

Граѓаните кои излегоа на протест бараат забрана за слободната продажба на отровите со кои се убиваат животните. Истиот отров е опасен и за децата.

Најстроги казни за сопствениците што поттикуваат агресија кај кучињата и да се креира полиција за животни, бидејќи насилството врз животните најчесто е само претходница на насилството врз луѓето.

Бараме забрана за продажба на отрови, подобри услови за уличните животни, и поголема свесност – луѓето да вдомуваат животни наместо да купуваат, вели граѓанската активистка Елвира Мустафа. Според неа, надлежните треба да ги подобрат условите и во Вардариште, но и да го ослободат заловеното куче за кое се тврди дека нападна луѓе и деца во населба Аеродром, затоа што активистите веќе имале докази дека станува збор за погрешно куче.

-Јас сум мајка која дома чува и маче и пит бул кој спие со моето дете. Отровот предизвика големи штети, има информации дека се отруле луѓе во Скопје и Битола. Значи во аптека не може да купиш диазепам од 2 мг, но можеш отров, тоа е страшно, вели Мустафа.

Решението за агресивните кучиња да се бара од институциите , или од несовесните сопственици, отровот не е решение, порачаа активистите на денешниот протест против масовното труење на животните.

– Тука сме да го искажеме револтот против несовесните граѓани кои на своја рака трујат невини животни. Да се бара виновникот кој го шетал агресивното куче, а не да се трујат животните. Отровот е опасен за кучињата, мачките но и за децата кои може да го вдишат, вели Марија Kачакова, активистка за правата на животните.

Активиската Снежана Билко вели дека проблемот со уличните кучиња треба да го решат институциите преку изградба на стационари во сите градови се со цел да се обезбедат нормални услови за жиот.

Бараме од надлежните под итно да престане ова лудило затоа што ова е организирано и се работи за Битола, Кочани , Охрид и други градови. Каде е човештината? Проблемот со уличните кучиња треба да се реши од институциите, бараме стационари во сите градови со нормални услови за живот, вели активистката Снежана Билко.