Протест против властите во Минск, водени топови и масовни апсења

На протестот против властите во Минск, полицијата денес уапси 125 демонстранти, изјавила за „РИА Новости“ портпаролката на Министерството за внатрешни работи на Белорусија, Олга Чемоданова.

ТАСС додава дека неколку илјади демонстранти се упатиле кон резиденцијата на претседателот Александар Лукашенко во центарот на Минск, поради што полицијата и армијата ги засилиле мерките за заштита. Полициски возила ги блокирале влезовите во резиденцијата.

Полицијата запре неколку илјади луѓе на Авенијата на независноста во белоруската престолнина, каде се одржува протест.

Според ТАСС, на безбедносните сили им било наредено да тргнат кон демонстрантите.

Исто така, водени топови се насочени кон демонстрантите, а безбедносните сили се на пат кон насобраната маса.

Дописникот на ТАСС, Иван Колиганов, пристигнал во Минск рано утрово за да известува за настаните во земјата, но бил приведен од полицијата за време на протестите. Според пораката испратена од неговиот телефон, Колиганов бил однесен во полициската станица.

Оваа недела тројца дописници на ТАСС биле приведени во полиција, но биле ослободени по проверка на документите.