Протест во Ѓаковица против посетата на српските верници по повод Божик

Неколку невладини организации и граѓански здруженија на косовските Албанци најавија за денеска протест во градот Ѓаковица, во западно Косово, со цел да ги спречат верниците од Србија да го посетат тамошниот православен манастир по повод верскиот празник Божик, јави дописникот на МИА од Приштина.

Верници од српска националност по потекло од регионот на Ѓаковица, кои се иселени во Србија, традиционално, по повод Божик и другите православни празници, ја посетуваат црквата во тој град. Меѓутоа, последните години локалното албанско население ги спречува во намерата, со образложение дека многумина од наводните верници се поранешни припадници на српските полициски и паравоени единици кои извршиле злосторства врз цивилното население во војната во 1998-99 година.

Членката на Комисија за исчезнати лица при Владата на Косово, Несрете Кумнова изјави за телевизијата КТВ дека ваквите посети на иселените Срби на нејзиниот град, во кој во последната војна имаше голем број жртви и масовни уништувања на имотите, претставува „провокација и повторно убивање“ на нејзините сограѓани.

Кумнова изјави дека очекува протестот да биде поддржан од сите граѓани, како и од државните институции.

Протестот преку објава на социјалните мрежи е закажан за утрово во 8.30 часот пред православната црква во Ѓаковица.