![ефЕФ](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/02/efEF.jpg?resize=640%2C322&ssl=1)
Над 10 000 луѓе излегоа на вечерашниот протест за одбрана на уставното име на Македонија.
И покрај лошите временски услови и притисоците со кои се соочиле оние кои сакале да присуствуваат на семакедонскиот протест во Скопје, огромен број граѓани се најдоа на улиците низ градот со цел одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата.
Демонстрантите бараат крај на преговорите за името, повлекување на Законот за употреба на јазиците, повлекување на договорот за добрососедство со Бугарија и ослободување на притворените за настаните од 27 април во Собранието.
Македонците во светот бараат:
(1) Безусловен крај на разговорите за името Македонија со Владата во Атина и продолжување на членството во Обединетите Нации и во сите меѓународни организации под државното име Македонија;
(2) Повлекување на Законот за употреба на јазиците;
(3) Повлекување на Договорот Заев-Борисов;
(4) Итно ослободување на притворените и осудените за настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година.
Барањата ќе бидат доставени до Претседателот, Собранието, Владата на Република Македонија, и до сите странски амбасади во Македонија.
Доколку Владата не ги прифати барањата, Македонците во светот бараат самораспуштање на Собранието и одржување вонредни парламентарни избори со обезбедување услови за остварување на избирачкото право во седмата изборна единица, без обврска за упис на избирачкото право на секои парламентарни и претседателски избори.
Македонците во светот отфрлаат референдум, ратификација на меѓународен договор и промена на Уставот со цел промена на името на државата и идентитетот на нацијата!
Семакедонскиот протест го поддржуваат Светскиот Македонски Конгрес, Движењето “СУМ“ Сите за унитарна Македонија, Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, Сојузот на Македонците со исламска религија, Македонски манифест, здруженијата на бранителите и македонските патриотски здруженија.