Граѓани попладнево протестираа кај кружниот тек од Автокоманда поради тоа што според новите промени во системот на греење ќе имаат парно греење од 6 до 22 часот, а не како досега 24 часа.
Протестот траеше од 16 до 18 часот, а од Министерството за внатрешни работи информираа дека протестот бил најавен и дека во овој временски период е спроведен изменет сообраќаен режим.
АД ЕСМ денеска соопшти дека спроведува промени во системот на греење со цел стандардизирање и воедначување на греењето, односно исти услови за сите 62.000 потрошувачи.
„Промените, нагласуваат од АД ЕСМ, значат дека одреден број потрошувачи приклучени на ЕСМ Енергетика сега ќе добиваат греење од 6 до 22 часот, како што се снабдува целиот град, и со средна дневна температура во просториите од 20 до 21 степен, како што е пропишано во мрежните правила одобрени од Регулаторната комисија. Овие потрошувачи на Енергетика досега добиваа парно греење 24 часа. Од 1 февруари, 2.000 потрошувачи од Енергетика, од вкупно 4.000, се префрлени на мрежата на ЕСМ Снабдување (главната градска мрежа на која се снабдува Скопје), додека за другите 2.000 кои остануваат на Енергетика во следниот период ќе се направат технички подготовки од следната грејна сезона да добиваат греење, како и останатиот дел од градот. По воведената промена, сметките во населба Автокоманда нема да се покачуваат како што се појавија шпекулации, а сметките на училиштата, градинките, деловните објекти и други институции и ќе се намалат до 45 проценти“, информираа од АД ЕСМ.
Причината за воведените промени, велат од компанијата, е тоа што ЕСМ Енергетика ќе ги стави надвор од употреба старите парни котли кои немаат техничка можност за дневно гаснење и затоа греењето било испорачувано 24 часа со енормна потрошувачка на гас.