Протести против Г7 близу Таормина

© REUTERS / Alessandro Bianchi

Околу две илјади лица протестирале против глобализацијата во саботата, следени од засилени полициски сили во Џардини-Наксос во рамките на самитот на челниците на седумте индустриски најразвиени земји во светот познати како групата Г7, при што дошло до судири и употреба на солзавец.

Неколку десетици демонстранти со прекриени лица, со црвени блузи со комунистички ознаки се приближиле до полицискиот кордон скандирајќи против полициските сили. Протесниот марш се одржал во близина на туристичкото гратче Џардини-Наксос кое се наоѓа на половина пат до Таормина местото каде што се одржуваше самитот и главниот прес-центар.

Полицијата возвратила со солзавец и по петнаесетина минути демонстрантите мирно се повлекле. На почетокот собирот се одвивал мирно со транспарентите „Против светските газди кои наметнуваат невработеност, сиромаштија и беда“, „Против седумте гревови на капиталот“, „Ваши војни, наши мртви“ и со постојани скандирања „Сите сме антифашисти“.

Најголемиот дел од демонстрантите го сочинувале активисти на леви движења, кои истапиле под знамиња со срп и чекан. Тие успеале да стасаат до островот и покрај големите безбедносни места и приведувањата на десетици активист уште при обидите да се качат на фериботот меѓу копното и Сицилија.

Истовремено активисти на движењето на Oxfam со маски на лидерите на „Големата седумка“ во текот на акцијата дале поддршка за илегалните имигранти.

Организаторите очекувале меѓу три и четири илјади демонстранти на Сицилија, Некои од демонстрантите објасниле дека многубројни учесници останале блокирани во Месина, 50 километри посеверно, или не успеале да се качат на траектот за Сицилија.

Италијанските власти стравуваа од инфилтрирање на насилници, како по самитот на Г8 во јули 2001 година кога безредијата траеја три дена, со смрт на еден демонстрант и повеќе десетици повредени.