Илјадници лица протестираа во саботата во германските градови против рестрикциите воведени за справување со пандемијата од коронавирусот, а од истата причина беше изразено незадоволство и пред швајцарскиот парламент.
Еден од најголемите протести во Германија, како и минатата седмица, беше одржан во Штутгард, а малку помали биле собирите и во Берлин, Минхен и Франкфурт.
Во Штутгард неколку илјади луѓе се движеа по брегот на реката Некар, но полицијата наведе дека епидемиолошките мерки, без оглед на големиот број учесници, биле почитувани. Полицијата не даде процена за бројот на демонстрантите, но властите велат дека максималниот можен број изнесувал десет илјади.
Во саботата во Берлин полицијата уапси околу 30 лица, бидејќи не се придржувале на правилата за социјално дистанцирање и хигиена, протестирајќи кај зградата на Рахстагот. Неколку километри подалеку повеќе стотици луѓе се собраа на Александерплац, на собир кој не бил претходно најавен. Во Берлин во моментов се дозволени собири до 50 лица. Во еден момент полицијата употреби лут спреј за да ги растера демонстрантите.
Во Минхен на централниот плоштад Мариенплац протестираа околу 3.000 луѓе кои се противат на рестриктивните прописи. Протестот бил пријавен со учество на 80 луѓе, објави портпаролот на полицијата, но собирот не бил прекинат, како и ниту во Франкфурт, каде што имаше според процените над 500 лица во ненајавен протест.
Пред зградата на швајцарскиот парламент во Берн, но и во други швајцарски градови, во саботата протестираа стотици луѓе против ограничувањата на движењето кои ги одредија властите во борбата против коронавирусот.
Швајцарија, во која починаа над 1.500 лица и 30.000 се заразени, започна да ги ублажува меркикте на ограничување и пред две седмици дозволи отворање на фризерските салони и на цвеќарниците. Од понеделникот отвораат училиштата, рестораните, музеите и билблиотеките со почитување на специфичните правила.
Демонстрантите во саботата истакнуваа дека ограничувања ги кршат темелните човекови права. Некои истакнуваа транспарентни на кои пишуваше „Без мерки за ограничувања, Шведска делува исто добро колку и Швајцарија“.
Швајцарските власти кон средината на март воведоа мерки за ограничување и одреди затворање на училиштата и сите продавнции освен прехранбените.