Жителите на општина Аеродром најавуваат протест за утре во 19 часот на паркингот пред поликлинитата „Јане Сандандски“. Тие, како што велат, ќе го искажат незадоволството по однос на oдлуката на Министерството за здравство за давање метадонска терапија во поликлиниката во нивната населба.
Во креираниот настан на социјалните мрежи, аеродромци го повикуваат и градоначалникот Златко Марин да присуствува на протестот и да одговори на повеќе прашања.
-Почитувани Аеродромци. Борбата против идејата на министерот за здравство за Центарот за зависници да биде префрлен во поликлиниката „Јане Сандански“ во општина Аеродром, ПРОДОЛЖУВА.
Зошто никој не го слуша гласот на Аеродромци? Дали градоначалникот Марин ја подржува идејата во општината со која раководи да има Центар за зависници и го одобрил ова? Го покануваме лично градоначалникот Марин да присуствува на ПРОТЕСТОТ и да одговори на овие прашања, стои во објавата и се додава:
„Жителите немаат ништо против лечењето на зависниците. Но, сметаме дека лечењето треба да се одвива во специјални установи, но не и на локација која нема соодветни услови, а најмалку во поликлиника каде што има педијатриски оддел за новороденчиња, бебиња и деца. Дополнително на се, во близина се наоѓаат две детски градинки, едно основно училиште и еден дом за згрижување на стари лица. Присуството на зависниците од дрога во овој дел на градот е нешто кое, оправдано, не вознемирува нас, какожители на Општина Аеродром. За таа цел, во четврток (25.07.2019), со почеток од 19.00 часот на паркингот пред поликлинитата „Јане Сандандски“, ПОВТОРНО да се собереме и да го искажеме нашето незадоволство по однос на Одлуката на Министерството за здравство“.
И жителите на скопската населба Ченто најавуваат протест за во сабота.
-Во сабота во 11:00 часот ќе се оддржи граѓански протес против одлуката на Министерството за Здравство, за давање на метадонска терапија во Поликлиника Ченто. Протестот ќе се одржи пред влезот поликлиниката, стои во објавата.
Инаку, пациентите кои се вклучени во програмата за третман и превенција на зависности ќе можат да добиваат метадон на пет локации кои им се најблиску до местото на живеење, односно во поликлиниката во населбата Ченто, во поликлиниката „Јане Сандански“, во Психијатриска болница-Скопје, на веќе познатата локација во општина Кисела Вода и во Градската општа болница „8 Септември.