Протести во Бразил против претседателот Болсонаро

Десетици илјади луѓе повторно протестираа денеска во неколку бразилски градови против претседателот Жаир Болсонаро и неговото оспорувано управување со епидемијата на коронавирусот, во која починаа речиси 460.000 луѓе и постои опасност од ново влошување на ситуацијата.

Во центарот на Рио де Женеиро околу 10.000 луѓе со маски учествуваа на протестите, организирани од левичарски организации и студентски движења, извикувајќи „Болсонаро, оди си!“ и „Болсонаро геноцид!“.

Од почетокот на пандемијата, која тој ја нарече „грип“, Болсонаро ги критикуваше мерките на карантин, ги фалеше лековите без докажана ефикасност и не веруваше во ефикасноста на вакцините.

Демонстрантите сметаат дека би починале многу помалку луѓе доколку Владата порано започнеше кампања за вакцинација, која напредува бавно.

Тие го обвинуваат претседателот и за поддршка на уништувањето на шумите, насилството и расизмот во Амазонија.

Организаторите на протестите бараа од учесниците да ја почитуваат „социјалната дистанца“ и им делеле заштитни маски и алкохолен гел за чистење на рацете.

Рејтингот на Болсонаро се намали на 24 отсто и тоа е најголем пад во текот на неговиот мандат, покажуваат резултатите од истражувањето на институтот „Датафолха“. Според анкетата, поранешниот левичарски претседател Лула да Силва, кој е најголем противник на Болсонаро, е фаворит за победа на претседателските избори следната година.