Српскиот министер за трговија Томислав Момировиќ во средата поднесе оставка поради притисокот и протестите на граѓаните и опозицијата кои бараат кривично гонење на одговорните за несреќата во железничката станица во Нови Сад на почетокот на ноември, која однесе 15 животи.
Во времето на реновирањето на станицата во Нови Сад, Момировиќ беше министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, а неговата оставка е втора во актуелната влада, откако претходно овој месец го направи Горан Весиќ, кој го наследи на таа функција.
Оставка денеска поднесе и Јелена Танасковиќ, директорката на јавното претпријатие Инфраструктура железница Србија, формалниот инвеститор во реконструкцијата на станицата во Нови Сад.
Денешните оставки уследија откако српскиот претседател Александар Вучиќ во вторникот изјави дека денеска очекува нови оставки „во Владата и на други места“.
Тензиите во Србија се зголемуваат од 1-ви ноември кога 14 лица загинаа при пад на настрешница на железничката станица во Нови Сад, а две седмици подоцна почина 24-годишна девојка, една од тројцата тешко повредени во таа несреќа.
Оттогаш, во Нови Сад и во Белград се одржаа неколку протести на кои политичката опозиција бара одговорност од државните функционери, проектанти и изведувачи за реконструкција на железничката станица, отворена како што тврдат набрзина пред последните избори и наводно без валидна документација и дозволи.
Денеска во Нови Сад се одржа втор протест со кој два дена по ред нејасно зошто беа блокирани обвинителството и судот.
Во исто време, на протестите во Белград беа уапсени двајца активисти на опизицијата поради намерата на градските власти да го урнат дотрајаниот Стар савски мост, по што следеа краткотрајни блокади на соседниот Бранков мост.
Српскиот претседател Александар Вучиќ откажа една од секојдневните активности и претседаваше со седница на Советот за национална безбедност, но не ѝ се обрати на јавноста, препуштајќи му го тоа на министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ.
Безбедносната ситуација во Србија е „стабилна“, но е „оптоварена со надворешни и внатрешни предизвици“, изјави Дачиќ по седницата. Тој рече дека законите и Уставот дозволуваат мирни јавни собири, а државата ќе санкционира „нарушување на јавниот ред и мир, загрозување на безбедноста на државата и државните институции и напади врз полицијата“.
Дачиќ ги повика сите да го почитуваат законот и порача дека „против секој што уништува државен и општествен имот ќе бидат поднесени соодветни кривични и прекршочни пријави“.
Вучиќ објави на Instagram порача: „Во оваа сложена и нелесни геополитички превирања, ќе дадеме сѐ од себе да ја зачуваме безбедноста на нашите граѓани и нашата Србија“.
Без разлика на денешните оставки и пораки дека демонстрантите ќе бидат санкционирани, за четврток наутро е најавен нов протест пред Обвинителството и пред судот во Нови Сад.