Главната турска опозициска партија ги поддржа во средата протестите кои беа организирани ширум земјата поради зголемувањето на цените на енергијата за повеќе од 50 отсто од почетокот на годинава.
Инфлацијата во Турција во јануари изнесуваше 48,69 отсто, најмногу во речиси последните дваесет години, откако на почетокот на годинава поскапеа електричната енергија, гасот и патарините.
„Струјата е човеково право. Мора да биде по пристапна цена“, изјави за новинарите лидерот на Републиканската народна партија (CHP) во главниот град, Ало Хикмет Акиљи.
Групи од активисти на CHP ќе им се придружуваат на протестите сѐ додека владата не ги повлече „највисоките цени на струјата во историјата на Републиката“, изјави челникот на партијата во Истанбул, Џанан Кафтанџиоглу.
Локален претприемач од квартот Султанбејли изјавил дека сметките за струја и гас му се за речиси трипати повисоки од наемот за продавницата.
„Економската и енергетската депресија ги осуди нашите граѓани на сиромаштија, темница и смрзнување“, изјави Кафтанџиоглу.
Турската влада ги разгледува начините како да го реши проблемот со растот на цените на струјата, по барањето на работодавачите и невладините организации, изјави министерот за енергетика Фатих Донмез за новинарите во Анкара во средата.