Илјадници Унгарци протестираа во центарот на Будимпешта против, како што стравуваат, потиснувањето на слободната мисла и образованието поради владиниот предлог за воведување рестрикции за странските универзитети и невладините организации.
Демонстрантите се собраа на Плоштадот на хероите и со нивните тела формираа срце и зборот „Цивилни“.
Ова е четврти протест во последните две недели.
Унгарија синоќа соопшти дека постои начин Централноевропскиот универзитет (ЦЕУ), чиј основач е милијардерот Џорџ Сорос, да продолжи да работи.
Унгарскиот секретар за образование Ласло Паклович на сајтот „ХВГ.ху“ наведе дека ЦЕУ може да издава дипломи доколку го продолжи договорот за лиценци со сестринското унгарско училиште.
Потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс, синоќа нагласи дека Европската Унија почнува истрага за унгарскиот закон за високо образование, за кој многумина во Европа сметаат дека е насочен против Централноевропскиот универзитет.