Протести во Вашингтон, Врховниот суд ќе го укине легалниот абортус?!

Во Вашингтон денеска се одржаа протести, откако американскиот портал „Политико“ ја објави веста за можно укинување на легалниот абортус. 
Активистите против абортусот како и поддржувачите на легалниот абортус излегоа на улиците на Вашингтон по веста дека Врховниот суд на Соединетите Држави (САД) би можел да ја поништи пресудата Роу против Вејд од 1973 година.

Порталот „Политико“ објави дека оваа неофицијална мнозинска судска одлука што протече во јавноста вчера, сугерира дека Врховниот суд на САД ќе гласа за поништување на одлуката донесена во случајот Роу против Вејд, со кој во 1973 година се легализираше абортусот низ САД.
Само неколку часа потоа, маса револтирани демонстранти ги повикаа демократите во Конгресот да преземат акција за заштита на правото на абортус, истовремено осудувајќи ја евентуалната одлука да им се ускрати правото што го сметаат за основно човеково право.

„Ова е морално прашање, а ако е така, тогаш не би требало да ни се спречува правото на слободен, личенн избор”, вели 19 годишната студентка  Ени Мекдон.

Абортусот е едно од прашањата во американската политика со најмногу спротиставени ставови, што трае речиси половина век.

Анкетата на Истражувачкиот центар „Пју“ минатата година покажа дека 59 отсто од возрасните Американци веруваат дека абортусот треба да биде легален во сите или повеќето случаи, додека 39 отсто веруваат дека абортусот треба да биде нелегален.