-Враќање на сите кратења од изминатите десет години, реални зголемувања на пензиите, но и на платите, бесплатна здравствена нега за сите, меѓу другото, бараат грчките пензионери кои денеска одржаа протест во Атина.
Во разговор со дописничката на МИА од Атина, дел од пензионерите велат дека бараат да им се врати она што им било одземено во периодот на економската крза во земјата, но и дека сега, со новата криза и инфлацијата, не можат да си ги покријат сите трошоци за нормален и достоинствен живот.
-Бараме реални зголемувања на пензиите, да ни ги дадат додатоците за Велигден и Божиќ, што ни ги крадат веќе десет години. Сето она што ни го скратија со меморандумите, да ни го вратат, бидејќи и ние треба некако да живееме. Веќе не можеме да одиме во супермаркет да пазаруваме, вели еден од пензионерите.
Друг пак додава дека единствено што бараат е достоинствен живот.
Грчката Влада најави зголемување на пензиите, меѓутоа, учесниците на денешниот протест посочуваат дека покачувањето е мало и не важи за сите, туку само за одредени категории.
-Инфлацијатае 12 отсто, а Владата на некои пензионери, а не на сите, им дава 7,5 отсто зголемување. Јас на пример нема да добијам зголемување, вели еден од пензионерите.
По собирот во центарот на Атина, пензионерите одржаа и мирен протест до Министерството за финансии на Грција.