Протестите против политиката на „нулта Covid-19“ и ограничувањата на движењата поради растечкиот број зарази изминатиот викенд се одржани во повеќе од десетина градови ширум Кина, каде што реткост е ваквото изразување на незадоволство, а ги зафатиле и универзитетските кампуси и кинеската дијаспора во светот, пренесуваат западните медиуми.
Помали протестни собири на кинески иселеници биле одржани во Европа, Азија, Северна Америка и Австралија, па така во светските центри како Лондон, Париз, Токио, Сиднеј… а во организација на кинеските дисиденти и студенти во странство. Таквите собири привлекле десетици луѓе, а некаде бројот на учесниците надминал и стотина, пишува агенцијата Reuters.
Според процените, иницијална каписла за протестите во самата Кина била минатонеделниот пожар во повеќекатница во крајно западната покраина Ксинџијанг каде што живее големата етноконфесинална заедница Ујгури, пратурска муслиманска етничка автохтона етничка група. Во пожарот имаше десет жртви, а демонстрантите го обвинуваат властите дека тие останале заробени во зградата поради тоа што наводно не можеле да излезат поради строгото епидемиолошко „затворање“. Градските власти, меѓутоа, ги отфрлаа обвинувањата дека еден од влезовите во повеќекатницата наводно бил блокиран поради „локдаунот“.
Западните критичари наведуваат дека откако пред десет години на власт дојде претседателот Кси Џинпинг, властите остро го сузбиваат секој израз на незадоволство и ја јакнат контролата над цивилното општество, медиумите и интернетот. Но најстрогите мерки за сузбивање на заразите кои ги спроведуваат кинеските власти од почетокот на пандемијата на коронавирусот, со наметнување на карантин на цели квартови и градови, што инаку е долгогодишна практика на кинеските здравствени власти кога станува збор за зарази и епидемии, овој пат се смета за момент кој го иницирал јавното изразување на гневот и несогласувањето на граѓаните.
Строгите епидемиолошки мерки и „затворања“ во пандемијата е причината за тоа Кина да има далеку помал број жртви од Covid-19 отколку другите држави во светот и покрај тоа што пандемијата почна од оваа земја и станува збор за густо населени урбани средини, но кинеското население смета дека тоа цена е превисока.
Од друга, стана, мерките ги критикуваат и западните земји, поради тоа што „затворањата“ и карантинот го попречуваат синџирот на производство и набавки на западните компании, што придонесува како и за пад на втората економија во светот, така и на глобалната економија.
Некои кинески дисиденти во странство сметаат дека сега тие треба да го искажат незадоволството во име на пријателите и семејствата кои живеат во татковината.
„Кога гледам колку кинески граѓани и студенти излегуваат на улиците, мис е чини дека сториле многу повеќе отколку ние. Сега им искажуваме поддршка од странство“, изјавил Чианг Сеетм, еден од организаторите на собирот во Париз, на којшто како што се тврди се собрале 200 луѓе.
Некои демонстранти оставале цвеќе и палеле свеќи пред центарот Помпиду во Пари за жртвите во пожарот во Ксинцијанг. Некои ги обвинувале претседателот Кси Џинпинг и Комунистичката партија и барале нивно заминување од власт.
Околу 90 луѓе се собрале на локацијата Шинџуку, една од најфреквентните железнички станици во јапонската престолнина Токио, каде што студент од Кина во изјава за медиумите го обвинувал „кинескиот систем“.
На њујоршкиот универзитет Колумбија, исто така, е најавен протест за понеделникот. Студентка која се претставила како Шон изјавила за Reuters дека демонстрантите ќе ги избегнуваат чувствителните прашања, како што се независноста на Тајван и обвинувањата за наводните масовни затворања на малцинските муслимански Ујгури во логори за превоспитување во покраината Ксинџијанг.
„Разговаравме со активистите од Тајван и од Ксинџијанг… Се согласивме дека е подобро да се воздржиме од тие прашања, бидејќи тоа би можело да одврати многу луѓе“, била искрена Шон.
Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи на редовниот брифинг со новинарите во понеделникот одговорил дека Кина нема сознанија за протести во странство со кои се бара укинување на сегашната политика во однос на Covid-19. За собирите во странство не известуваат ниту државните медиуми, јавуваат странските дописници од Кина.
Нападите на претседателот Кси добија особен медиумски простор на Западот откако дисидент поставил транспарент на мост во Пекинг пред одржувањето на Конгресот на Комунистичката партија на Кина минатиот месец, критикувајќи го кинескиот челник бидејќи не сакал да замине од власта, но и државната политика на „затворање“ во пандемијата.