Oд предавање на гласачки материјал до начин на проветрување, дезинфекција и корпи за отпадоци со црни кеси. Комисијата за заразни болести во детали опишала како треба да изгледа избирачкиот ден и што се им е потребно на избирачките одбори за да се заштитат на 15-ти јули.
Пред да отпочне гласањето се препорачува темелно чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси или 70% разреден алкохол. Маските се задолжителни за сите.
„Членовите на ИО ја менуваат заштитната маска на секои 4 часа, додека ракавиците се менуваат при одење во тоалет и при пауза за јадење.“ – стои во протоколот на Комисијата за заразни болести.
Инструкциите за безбедно гласање се испратени до ДИК. Се препорачува местата за гласање да бидат пространи, а прозорците постојано отворени. Членовите на комисијата на терен деновиве утврдуваат дали во сите избирачки места има вакви услови.
Во возилата во кои ќе се пренесува избирачкиот материјал треба да бидат присутни најмногу три лица, стои во протоколот. Со посебна заштитна опрема членовите на избирачките одбори ќе влегуваат во домовите на лицата кои се во изолација.
„Протокол на комисија за заразни болести- Мантил за еднократна употреба, ракавици за еднократна употреба, заштитна стандардна хируршка маска и средство за дезинфекција. Лицето кое гласа задолжително носи маска преку нос и уста.“
Овој протокол со потпис на претсдателот на Комисијата Жарко Караџовски доаѓа по барањето на сите членови на ДИК, во детали да добијат насоки за избирачките денови. Државната изборна комисија по ова ќе спреми упатства и за една недела ќе ги презентира на сите кои се вклучени во изборниот процес.
Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски во телефонски разговор вели дека нема точна бројка колку членови на избирачките одбори сакале или веќе се откажале од функцијата за овој изборен процес поради страв од коронавирусот.
Според информации на ТВ24 на терен до општинските изборни комисии пристигнуваат барања за изземања на членовите. Не сите се прифаќаат, се бара медицинска документација за отсуствата.