Провладини приврзаници упаднаа во парламентот на Венецуела повредувајќи десетина пратеници

© AP Photos/Fernando Llano

Неколку десетици приврзаници на владата на Венецуела упаднаа во зградата на Националното собрание во кое мнозинство има опозицијата и повредија десетина пратеници и новинари, пренесуваат агенциите ноќта кон четвртокот.

По парламентарните избори од декември 2015 година опозицијата го води Националното собрание, и стана главниот критичар на левичарскиот претседател Николас Мадуро.

Според високи членови на законодавниот дом, одговорни за инцидент се провладините паравоени организации, попознати како „колективос“.

„Вооружените членови на група ги нападнаа со оружје и гасни гранати луѓето во Народното собрание. Нема Уставотворно собрание“, напиша на својот профил на Twitter пратеникот Ричард Бланко.

Засега е потврдено дека еден од пратениците, Америко де Гарсија, се здобил со повреди на главата и оти му била неопходна итна медицинска помош.

Претседателот на парламентот Хулио Борхес на Twitter објави дека настрадале пратениците Армандо Армас, Америко де Гарсија, Нора Брачо, Луис Карлос Падиља и Леионардо Рено. Парламентарката Мигел Пизаро, од своја страна, на социјалната мрежа објави дека сите ранети пратеници биле одвезени со возила на првата помош.

Сведоци изјавиле дека метежот настанал по заседанието на парламентот по повод одбележувањето на Денот на независноста на Венецуела. Снимките од инцидентот покажуваат двајца опозициски пратеници со крвави лица.

Порталот наклонет на опозицијата La Patilla објави дека толпата нападнала неколку пратеници во зградата во главниот град Каракас. Локалните медиуми известуваат дека се повредени осум лица.

Насилството во парламентот избувна додека претседателот Николас Мадуро на друго место во Каракас држел говор на воена парада по повод Денот на независноста.

Мадуро го осуди насилството во Националното собрание и порача да се поведе истрага за инцидентот.

„Никогаш нема да бидам соучесник во насилство, го осудувам и наредив да се спроведе истрагата за да биде задоволена правдата“, изјавил Мадуро во текот на воената парада, емитувана во директен пренос на телевизијата VTV, истакнувајќи дека „нема да толерира насилство, кој и да стои зад него“.

Од почетокот на април Венецуела ја потресуваат најмасовните речиси секојдневни протести последните години, кои ги организира опозицијата, кои се претворија во насилни. Причината за протестите беше одлуката на Врховниот суд со која се прошируваат овластувањата на претседателот на државата а се ограничуваат на парламентот кој во моментов го контролираат политичките противници на Мадуро. Ситуацијата се влоши и по одлуката на претседателот да свика Конститутивно собрание, без притоа да се спроведе референдум за измена на уставот на Венецуела.

Во текот на политичката криза, според официјалните податоци, најмалку 90 луѓе ги загубиле животите, а повредени се околу 1.500, додека неколку илјади се притворени.