Пртпазливост на светските берзи, раст на Волстрит

На Волстрит цените на акциите пораснаа и минатата седмица, вторпат по ред, додека тргувањето беше попретпалзиво на другите најголеми берзи во светот, бидејќи поради високата инфлација можно е дополнително заострување на монетарната политика.

На Волстрит, индексот Dow Jones минатата седмица зајакна 0,7 отсто, на 34.283 поени, додека S&P 500 зајакна 1,3 отсто, на 4.415 поени, а индексот Nasdaq за 2,4 отсто, на 13.798 поени.

Откако цените на акциите силно пораснаа пред една седмица, благодарение на верувањето на инвеститорите дека циклусот на зголемување на каматните стапки е завршен, на светските берзи минатата седмица се тргуваше повнимателно.

Инвеститорите беа поколебани од претседателот на американската централна банка (Federal Reserve – Fed), Џером Пауел, кој во четвртокот рече дека е можно дополнително заострување на монетарната политика. На состанокот на Меѓународниот монетарен фонд, Пауел изјави дека е задоволен од слабеењето на инфлацијата, но дека не е сигурен дека Fed направил доволно.

„Банката е решена да постави доволно рестриктивна монетарна политика за да ја сведе инфлацијата на целното ниво. Сè уште не сум сигурен дека сме го постигнале тоа“, изјави Пауел.

Аналитичарите велат дека Пауел ги ставил инвеститорите во состојба на готовност.

„Пауел зазеде цврст став. Тој му кажа на пазарот дека борбата против инфлацијата сè уште не е добиена и ако тоа го бара економската ситуација, нема да се двоуми дополнително да ги зголеми каматните стапки“, објаснува Питер Кардило, економист во „Spartan Capital Securities“.

Покрај Пауел, многу други функционери на Fed изјавија дека е можно уште едно зголемување на каматните стапки, имајќи предвид дека инфлацијата останува далеку над целта на Fed од 2 отсто.

И покрај овие пораки, повеќето аналитичари сметаат дека тоа нема да се случи. Сепак, тие проценуваат дека Fed би можел да ги задржи каматните стапки на покачени нивоа подолго од претходно очекуваното.

Поради ова, тргувањето беше претпазливо во текот на целата седмица. Неделниот раст на Волстрит е благодарение само на скокот на цените на акциите на технолошките гиганти, како „Microsoft“, „Meta“ и „Nvidia“, на крајот од седмицата.

„Во средина на високи каматни стапки и забавување на економскиот раст, инвеститорите веруваат дека е најдобро да се префрли капиталот на акциите на технолошките гиганти“, вели Рик Меклер, партнер во „Cherry Lane Investments“.

И на повеќето европски берзи цените на акциите паднаа. Лондонскиот FTSE индекс се лизна минатата недела за 0,8 отсто, на 7.360 поени, а париски CAC 0,1 отсто, на 7.045 поени. Франкфуртски DAX зајакна, пак, за 0,3 отсто, на 15.234 поени.