Делегација од Сојузот на стопански комори предводена од претседателката Данела Арсовска учествува на првиот грчко-македонски бизнис форум што се одржува во Солун под покровителство на Универзитетот Колумбија во САД.
На бизнис форумот на кој присуствуваат и градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, претседателот на Грчката интернационална бизнис асоцијација Киријакос Луфакис и македонскиот амбасадор во Грција, Дарко Ангелов, бизнисмените од двете држави разговараа за зближување на бизнис релациите.
Се надеваме дека во наредните години ќе успееме да ги надминеме бариерите кои ги имаме, особено поради тоа што Македонија и Грција се единствени соседски држави кои немаат потпишано ниту еден билатерален договор. Веруваме дека во иднина ќе успееме ги продлабочиме деловните релации, иако во бизнис секторот сме доказ дека онаму каде што се сака, политиката нема влијание, изјави Арсовска.
Таа оцени дека бизнис заедниците на двете земји имаат развиено добра економска соработка, која може да се надогради со цел понатамошно зајакнување на трговските и економски односи и развивање на секторите индустрија и трговија.
Претседателите на гранковите синдикати од градежништвото, транспортот, туризамот, ИКТ, индустријата, земјоделството, трговијата и финансиите разговараа за стратешките и идните планови, како и за заеднички настап на трети пазари.
Градоначалникот на Солун истакна дека најдобро за развој на бизнисот е заедничката соработка на двете земји, односно не само Грција да инвестира во Македонија и обратно, туку заеднички да инвестираат во нови начини за водење бизнис.
Професорот Дејвид Филипс, од Универзитетот Колумбија во САД информираше дека е разговарано за учество во заеднички проекти од интерес на двете страни особено во туризамот, како и за одредени анализи на кои двете страни би можеле да работат, а се поврзани со Коридорот 10.
Претседателот на Грчката интернационална бизнис асоцијација потенцира дека бизнис релациите меѓу двете земји може да се подобрат, особено кога во нашата земја има зголемен број на странски инвестиции и кога на Грција и се потребни инвестиции во странство. – Токму затоа тие односи треба да се подобрат и да се зголеми соработката меѓу коморите, за да може бизнис заедницата да апелира до политичарите да ги надминат проблемите, изјави Луфакис.
Грција е меѓу петте најзначајни надворешно-трговски партнери на Македонија. Вкупната трговска размена со Грција во првите осум месеци од годинава достигна вредност од 397 милиони евра. Притоа, остварен е извоз во вредност од 98 милиони евра и увоз од 299 милиони евра.