
Претставници на Мисијата на ОБСЕ денес го презентираа првиот преоден извештај за активностите и предметите кои се во надлежност на СЈО. Извештајот ја опфаќа временската рамка од септември 2015 кога е формирано СЈО до јануари 2018 година.
Во првиот извештај претставниците на ОБСЕ во својата анализа главен акцент ставаат на определувањето на мерката притвор, на мерките на претпазливост, утврдување на кривичната одговорност, како и потврдување на обвиненијата од страна на судот. Мишел Пејнс, една од претставниците на ОБСЕ, нагласи дека за помалку од 2,5 години од формирањето на СЈО, и покрај значително мешање од други институции, направени се значајни чекори кон утврдување на кривичната одговорност за кривични дела кои произлегуваат од скандалот со прислушувањето. Претставничката на ОБСЕ додаде дека СЈО успеа да поднесе 20 обвиненија во рамки на тесниот законски рок и упати забелешка до Основниот суд Скопје 1 за временскиот период кој поминал од поднесување на обвиненијата од СЈО до судот па до нивно потврдување.
Многу од обвиненијата поднесени на крајот на јуни 2017 година беа потврдени пет-шест месеци подоцна. Иако ЗКП не предвидува рок до кој едно обвинение мора да се потврди, времето помеѓу поднесување на обвинението и негово потврдување може да се смета за предолго, а тоа создаде перцепција дека судот е пристрасен и е против СЈО, рече Пејнс.
Мисијата на ОБСЕ утврдила дека од 18 барања за притвор Врховниот суд потврдил само две и укажа дека постои различност во случаи на определување на мерка притвор кога во предметите постапува СЈО и кога во предметите постапува Основното јавно обвинителство, односно дека во вториот случај мерката притвор е позастапена.
Во врска со прислушуваните разговори, претставничката на Мисијата на ОБСЕ рече дека фактот што овие снимки биле добиени без судски налог и со повреда на правото на приватност создало правна дилема.
ОБСЕ, во однос на предметите кои СЈО ги презеде од ОЈО укажа дека обвинителите од СЈО треба да бидат потранспарентни во тој дел и да ѝ обезбедат на јавноста повеќе информации зошто воспоставуваат надлежност и зошто ги преземаат предметите Монструм, Пуч, Сопот и Шпион.
Судот се покажа како добар почитувач на мерката притвор, но изгледа праксата се разликува во оние предмети каде СЈО не постапува, нагласија претставниците на ОБСЕ.
Врз основа на анализата, во овој извештај Мисијата упатува препораки до законодавната и извршната власт, до СЈО, до Кривичниот суд и до странките вклучени во постапките на СЈО. На законодавната и извршната власт ОБСЕ им препорачува да ги решат ограничувањата кои го спречуваат СЈО да поднесува обвиненија и да се погрижат за недостатоците на ЗКП во поглед на итната извршност на мерката притвор.
На СЈО ОБСЕ му препорачува да го истражи целиот обем на извршени кривични дела и сите осомничени лица откриени преку прислушуваните разговори, да ја информира јавноста кога обвинителите ќе донесат одлука дека одредени постапки поради немање на докази се запираат и да имаат потранспарентен пристап кога се работи за воспоставување надлежност врз случаите во кои постапува јавното обвинителство.
ОБСЕ на Кривичниот суд му препорачува да обезбеди образложувањето на решенијата за мерките на претпазливост да се врши во согласност со условите од ЗКП и да се применуваат истите стандарди како за случаите на ОЈО, така и за тие на СЈО кога се носат одлуки за барање за изрекување на мерка притвор.
За странките кои се вклучени во постапките на СЈО кои се во тек во Кривичниот суд ОБСЕ дава препорака да избегнуваат непотребни одложувања со цел да се спречи застарување на кривичните дела.
Во извештајот ОБСЕ акцент става и на случаите Труст и Тврдина-Таргет каде на површина исплива маана во рамката на ЗКП, односно додека трае жалбената постапка во законот никаде не е предвиден начинот на извршување на изречената мерка притвор. Според претставниците на ОБСЕ, со тоа што не се бара извршување на мерка притвор ЗКП им остава простор на осомничените да побегнат, да уништат докази или да го повторат кривичното дело додека трае жалбениот период.