Актуелниот европски ракометен првак скопски Вардар загуби на гостувањето кај Барселона со 28:29, што е прв неуспех за македонскиот шампион во новата сезона од Лигата на шампионите.
Недозволено големиот број технички грешки на Вардар не му овозможи да ја продолжи серијата без пораз во десетте последователни натпревари.
„Црвено-црните“ започнаа нервозно и заработија две исклучувања во првите десет минути, што го искорист Барселона да одржува предност од два гола. Арпад Штербик спаси неколку зицери на противникот, што придонесе за одржување на резултатската неизвесност, но на спротивната страна возврати Перез де Варгас, кој прими гол од пенал, но потоа го спречи ударот на Дибиров за израмнување.
Данил Шишкарев ја врати позитивата кај македонскиот првак (10:8) со два поледователни гола, што беше резултат на серијата одбрани на фантастичниот Штербик. Грешките во напад го натераа Чави Пасквал да повика минута пауза за своите момци, а по неа Ваел Жалус врза два гола и конечно ја проби вардаровата одбрана. И двете екипи не реализираа неколку напади по ред, па Раул Гонзалез го искористи правото на тајм-аут на пет минути до крајот на полувремето. Жалус со шест гола, без промашен обид, го носеше нападот на каталонската екипа и беше најзаслужен за минималното водрдство (15:14) со кое Барселона замина на полувреме.
По само шест минути игра во продолжението Каталонците побегнаа на 19:16, за што заслужни се Раул Ентрериос и неколкуте последователни исклучувања во редовите на Вардар. Веднаш потоа голот на Виран Морос донесе домашна предност од 24:20 на малку повеќе од десет минути до крајот. Во тој период Вардар само двапати намали на два гола негатива, следуваше ново исклучување, на Жоан Кањељас што беше проследено со гол од пенал на Виктор Томас. Завршницата донесе неизвесност, а Н’Гесан постигна гол со играч помалку и ја обезбеди победата, која можеше да биде испуштена, со оглед на опуштеноста кај домашните ракометари.
Штербик го заврши мечот со 14 интервенции, а најефикасен кај вардарци беше Кристопанс со седум, додека Циндриќ го заврши мечот со пет погодоци. И покрај поразот, Вардар остана на врвот на групата А со еден бод предност пред Нант, кој денес славеше на гостувањето кај Кристијанштад.