Македонската шаховска репрезентација забележа прв пораз во 3.коло на шаховската Олимпијада која до 14.август се одржува во Тромзо, Норвешка.
По двете убедливи победи од по 4-0 против селекциите на Брунеи односно Доминиканската република на старот, во третата рунда со истиот резултат убедливо загуби од извонредно силната репрезентација на Русија.
На првата табла Трајче Недев загуби од поранешниот светски шампион Владимир Крамник (2760), Александар Чоловиќ загуби од Петар Свидлер (2750), Филип Панчевски од Карјакин (2786) и Влатко Богдановски од Јан Непомниачи (2714). Велемајсторот Никола Митков одмараше на дуелот со Русите.
По три кола шахистите со 4 бода се на делба на 32.место од 177 репрезентации колку што учествуваат на машкиот турнир. Во водство со 6 бода се 11 селекции, Франција, Србија, Русија, Узбекистан, Холандија, Романија, Кина, Азербејџан, Израел, Бугарија и Чешка.
Денеска противник на нашата репрезентација е составот на Албанија.