Прв состанок на комитетот ЕУ – Обединето Кралство в понеделник

Првиот состанок на заедничкиот комитет помеѓу ЕУ и Обединетото Кралство ќе се одржи преку видеоконференција в понеделник.

Ко-претседавачите, Марош Шефчович за ЕУ и Мајкл Гов за Обединетото Кралство, имаат задача преку овој комитет да го надгледуваат спроведувањето на Договорот за повлекување од ЕУ.

-Со одржувањето на овој важен состанок во овие тешки услови ја покажуваме нашата политичка заложба да обезбедиме целосна и прецизна имплементација на Договорот за повлекување, кој е клучен за градење идно солидно партнерство, изјави Шефчович.

Заедничкиот комитет е составен од претставници од двете страни и треба, меѓу другото, да се занимава со спорови кои произлегуваат од толкувањето на договорот.

Доколку се појави спор, страните можат да побараат од комитетот мислење за решавање на спорот.

В понеделник ќе се одржи првата седница на овој комитет, но преку видео врска поради ситуацијата со коронавирусот.