Следејќи ги светските трендови за интерактивен и иновативен начин на едукација на најмладите, тимот на Ретинг од Скопје ја развива првата македонска детска мобилна апликација за читање и слушање книги – Boksy!
Апликацијатa е наменета за деца од 6 до 14 години. Во неа ќе бидат голем број книги за деца на македонски, англиски и албански јазик од македонски и странски издавачки куќи кои ќе
можат да се читаат или слушаат како аудио книги на мобилните уреди. Покрај книги, апликацијата ќе содржи бројни едукативни квизови, дневни и неделни предизвици, креирање на сопствени аватари, како и можност за натпреварување со други дечиња и освојување на уникатни награди за оние кои што најмногу читаат.
„Ние сакаме љубовта кон читањето кај децата да започне со Boksy. Мисијата на Boksy е да се промовира читањето на книги помеѓу децата, на нов, забавен начин, соодветен на трендовите
од новата дигитална ера. Сакаме времето кое децата го поминуваат пред екраните да биде искористено квалитетно. Идејата е децата да можат да најдат книги за секое ниво, на која било тема, погодни за читање или слушање на кое било место и во било кое време од денот – во една апликација“, велат Димитар и Ивана од Ретинг, компанијата која ја развива оваа мобилна
апликација за деца.
Развојот на мобилната апликација „Boksy“ е поддржан од Фoндот за Иновации и Технолошки развој. Апликацијата ќе биде достапна на македонски јазик, ќе може да се користи на телефон
и таблет и ќе може да се превземе од App Store & Play Store. Мобилната апликацијата се планира да биде достапна за македонскиот пазар до крајот на летото.
На овогодинешниот Саем на книгата кој се одржува од 3 до 9 мај во Арената Борис Трајковски, сите посетители ќе можат да се запознаат со тимот кој работи позади оваа иновативна апликација, како и да добијат подобра идеја за сите бенефити и карактеристики на апликацијата, преку посета на уникатно-брендираната количка за кафе пред влезот на Арената.
Повеќе информации за апликацијата ќе бидат достапни наскоро на веб страницата
www.boksy.mk.