Во вторникот Европската комисија ја предложи првата Европска стратегија за одбранбена индустрија (EDIS), која нагласува дека земјите-членки на Европската унија мора да инвестираат повеќе, подобро и заедно во областа на одбраната.
Како прв чекор во имплементацијата на стратегијата, Комисијата го претстави законскиот предлог на Европската програма за одбранбена индустрија (EDIP), за која се издвоени 1,5 милијарди евра од европскиот буџет во периодот од 2025 до 2027 година и рамка на мерки за да се осигура дека одбранбените производи ќе бидат навремено достапни.
„Силна, отпорна и конкурентна европска одбранбена индустрија е стратешки императив и предуслов за зајакнување на нашата одбранбена подготвеност“, рече високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел.
Борел додаде дека со децении членките на ЕУ издвојуваат многу малку за одбраната и дека сега е неопходно да се инвестира „повеќе, подобро и заедно“.
По руската инвазија во Украина, која седоживува како враќање на конвенционалното војување со висок интензитет на европска почва, Комисијата нагласува дека Европската унија и нејзините земји-членки мора да ја зголемат својата подготвеност, што значи да им ги обезбедат на нивните вооружени сили потребните количества одбранбена опрема и вооружени системи.
Од Комисијата посочуваат дека нивните анализи покажуваат дека во изминатиот период земјите-членки за одбрана потрошиле значително помалку од два отсто од својот бруто домашен производ (БДП), што е целта што си ја поставија земјите-членки на НАТО. Доколку навистина ги инвестираа тие два отсто во последните 15 години, тоа денес би изнесувало дополнителни трилиони евра.
„Тоа е редот на големината на она што сега треба да го надоместиме“, велат од Комисијата.
Извршната потпретседателка на Комисијата, Маргрете Вестагер, вели дека стратегијата е одговор на променливата безбедносна парадигма во Европа.
Таа посочува дека досега земјите-членки трошеле на одбраната купувајќи различни системи за оружје, главно надвор од ЕУ, и дека сега кога нивните одбранбени буџети силно растат, потребно е подобро да инвестираат, што значи заедно како Европејци.
Тоа значи дека е неопходно да се намали фрагментацијата и да се зголеми соработката за да се реализира целосниот потенцијал на зголемените инвестиции во одбраната од страна на земјите-членки.
Комисијата ги повикува земјите-членки да набават заеднички најмалку 40 отсто од одбранбената опрема до 2030 година, а европската индустрија да обезбеди најмалку 50 отсто од воената опрема во ЕУ до 2030 година.
Комесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон вели дека 68 отсто од оружјето што ЕУ го купила за Украина е произведено во САД.
Комисијата посочува дека зајакнувањето на соработката меѓу земјите-членки во областа на одбраната во никој случај не значи дека ЕУ ги презема овластувањата на земјите-членки, кои и понатаму се исклучиво надлежни за прашања од одбраната.
Комисијата, исто така, предложи дел од профитот од замрзнатите руски средства да се користи за купување оружје за Украина, за што засега нема правна рамка, на што предупредуваат стручњаците.