Специјалниот суд за воени злосторства во Хаг ја донесе првата пресуда против припадник на ОВК – Салих Мустафа (50) е осуден на 26 години затвор за извршени тешки злосторства врз шест Албанци во притвор на ОВК во село Злаш, недалеку од Приштина, во април во 1999 година.
Мустафа и нему потчинетите припадници на ОВК, според пресудата, сториле злосторства над албански цивили кои неосновано ги сметале за „шпиони“, „колаборатори“ со српските власти и политичките неистомисленици.
Пет од притворените лица биле пуштени на слобода во средината на април во 1999 година, додека еден починал како последица на претепувањата и мачењата. Во пресудата, исто така, е констатирано дека сведоците и жртвите за време на процесот сведочеле „во атмосфера на заплашување и вознемирување која сè уште владее во Косово“.
Салих Мустафа беше обвинет по четири точки за воени злосторства – произволно лишување од слобода, сурово постапување, мачење и убиство. Ослободен беше само од обвинението за сурово постапување, а за останатите три дела доби единствена затворска казна од 26 години.