Прва промоција на најновата книга за македонската книжевност од академик Ала Шешкен од Универзитетот „Ломоносов“

Денес, во рамките на 54. Летна школа на Меѓународниот семинар за Македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид ќе биде промовирана книгата „Теми за македонската литература ХХ век“ од руската славистка, академик Ала Шешкен, професор на Московскиот државен универзитет „Ломоносов“. Настанот, којшто е и прво промотивно претставување на најновата книга за македонската книжевност од академик Шешкен ќе започне во 19:30 часот, а промотивна реч ќе одржи проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска – директорка на МСМЈЛК при УКИМ.

Ала Шешкен, покрај тоа што е активна на школите на МСМЈЛК, со својата севкупна активност како славистка и компаративистка се издвојува како еден од најистакнатите и најпосветените промотори на македонската книжевност во меѓународни рамки. Со своите истражувања таа ги поставува темелите на систематското концептуално предавање и проучување на македонската литература на Универзитетот „Ломоносов“ во Москва. Држи предавања и специјални курсеви од историјата на македонската литература, култура и македонската литературна критика на катедрата за словенска филологија при Филолошкиот факултет на Универзитетот „Ломоносов“. Автор е на над 200 научни трудови, од коишто најголемиот дел се посветени токму на македонската книжевност.

Најголемиот дел од најновата книга на Шешкен е посветен на развојните процеси на македонската книжевност во дваесеттиот век, со акценти на тематските и стилските особености во делата на десетици македонски писатели кои оставиле впечатливи траги во доменот на поезијата, прозата и драмата. Со ваквиот научен пристап книгата претставува своевидна историја на македонската книжевност во минатиот век.

Од 2007 година, Ала Шешлен членува во Македонската академија на науките и уметностите. Добитник е на меѓународното признание „Блаже Конески“ во 2015 година, за придонес во проучувањето и афирмацијата на македонската литература и македонскиот јазик. Оваа година таа ја доби наградата „Почесно Рациново признание“.

За сите заинтересирани коишто нема да бидат во можност физички да присуствуваат на промоцијата, МСМЈЛК при УКИМ ќе овозможи и пренос во живо преку официјалната страница на социјалната мрежа „Фејсбук“ – https://www.facebook.com/msmjlk.

На 54. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ учествуваат 40-тина странски слависти и македонисти од 15 земји од светот.