Вонредна состојба е прогласена во 16 општини во Србија.
Српскиот премиер Александар Вучиќ, денеска претпладне ќе претседатава со седницата на српскиот штаб за вонредни ситуации на која ќе се разгледува актуелната ситуација предизвикана од поројните дождови и поплавите во државата.
Во Умчари синоќа се удавило едно лице, изјави Белградскиот градоначалник, и тоа е прва жртва од поплавите во Белград.
„Во Умчари имаме и прва жртва. Се удави човек кој не почитувал совети од надлежни органи кои барале од него да се евакуира од куќата. Наша примарна цел е да избегнеме такви случаи.„ – изјави градоначалникот Синиша Мали и апелираше до граѓаните да се почитуваат советите од надлежните органи.
На територијата на Белград веќе наврнаа 55 литри вода на квадратен метар, што е колку и месеччниот просек на врнежи. На одделни линии во Белград возилата на градскиот превоз од утрово сообраќаат на изменети траси заради преголемата количина на вода по улиците и шините, изјавил дежурен диспечер во Градското сообраќајно претпријатие Белград, за Танјуг.
Основните и средните уилишта во Белград денеска не работат, јавуваат белградските медиуми.
Најкритична е ситуацијата во Колубарскиот и Мачванскиот округ од каде се евакуирани 60 луѓе. Исклучително драматична е ситуацијата во Ваљево каде се излеа реката Колубара и создаде големи проблеми за жителите на градот. Реката Колубара утрово проби заштитни насипи на одделни места поради што е наредена евакуација на граѓани во делови од градот.
По оштетувањата на пругата Белград – Бар на делницата Словац-т од синоќа е запрен железничкиот сообраќај. Сообраќај не се одвива и на дел од Ибарската магистрала, помеѓу Чачак и Милановац.