До крајот на годината во Загреб ќе почне да се гради првата македонска црква на Балканот, која ќе биде центар за собирање на нашите сонародници во оваа земја, пишува Дневник.
Таа нема да биде само духовен храм, туку ќе има и други придружни објекти што ќе се користат за активностите на нашите иселеници. За градбата на целиот комплекс потребни се околу еден милион евра, пари што ќе се обезбедуваат преку донации на македонските иселеници, на МПЦ, како и со помошта од хрватските државни и општински власти. Европската епархија на МПЦ досега инвестира околу 300.000 евра за купување на земјиштето во поширокото централно градско подрачје, обезбедување проект и за добивање градежна дозвола.
– Само за купување на плацот со површина од 711 квадратни метри во 2008 година инвестиравме околу 200.000 евра. Сега сме свртени кон напорите да обезбедиме средства за да почнеме со градбата наесен. Се надеваме дека дотогаш ќе можеме да поставиме камен-темелник и потоа да продолжиме со градбата – ни изјави протопрезвитер Kирко Велински, намесник на Европската епархија.
Градежната дозвола е извадена во минатата година, а со градбата треба да се почне најдоцна до април 2015 година. Автор на проектот на новата црква е архитектот Зоран Бошевски, Македонец роден во Хрватска, а во конкуренција беа уште два други труда. Се работи за модерно архитектонско решение, во согласност со трендовите што се појавуваат во европските земји во последно време. Овој проект неодамна беше претставен на посебна изложба, а за него прилог сними и Хрватската телевизија.
– Точно е дека објектот е со поинаков стил од нашата македонска градителска црковна традиција, но сепак ни се допаѓа. Него го избра комисијата во која беа началникот за проектирање на град Загреб, двајца претставници од Заводот за проектирање и двајца наши претставници. Во црквата ќе бидат запазени сите канонски правила – ни рече отец Kирко Велински.
Во Загреб, инаку, има околу 1.300 Македонци кои сега за своите верски потреби ја користат малата капела посветена на свети Рок, а која привремено е отстапена од страна на Kатоличката црква. Таа е приспособена за потребите на православните богослужби. И во другите три парохии, во Сплит, Пула и во Риека, МПЦ ги користи објекти што ни ги отстапила Kатоличката црква. Уште од 2003 година МПЦ во Хрватска има статус на легално признаена верска заедница, која е целосно рамноправна со другите. Нашата заедница во оваа земја брои околу 4.800 члена. Најблиска друга македонска црква која е во сопственост на МПЦ се наоѓа во Виена, Австрија.
Апартман за родителите чии деца се на лекување
Спецификата на овој центар ќе биде и во тоа што ќе има посебен апартман во кој бесплатно ќе може да престојуваат родителите од Македонија чии деца се на лекување во некоја од загрепските болници.
– Наместо да плаќаат скапи хотели, тие ќе можат да го користат бесплатно нашиот објект, се додека имаат потреба. Се разбира, апартманот нема да биде наменет само за нив. Kога ќе биде слободен, ќе може да го користат и студентите што ќе доаѓаат тука за да се запишат на некој факултет и слично – наведува отец Kирко.