Први мај без традиционалните маршеви, но со порака дека работничките права се кршат повеќе од кога и да е

И со маски ќе бидеме гласни беше мотото на синдикатите и граѓанските здруженија кои во петоткот ги одбележуваат Денот на трудот во услови на корона криза.

Годинава наместо класичен марш, заради полицискиот час и забраната за групирање, борците за работнички права со виртиелен протест го одбележуваат денот.

Работничките права се кршат постојано, но во моментов најмногу, предупредија во денешните соопштенија синдикатите.

Владата сѐ уште не излегла со официјален податок за тоа колку работници ја изгубиле работата од стартот на кризата, а неофицијалните бројки стасаа 20.000 луѓе. Главно се отпуштаа сезонци, лица со договори за привремено вработување, лица на определно време. Засега најсигурни се работниците со заснован работен однос на неопределно време.

Владата излезе со мерка за исплата на 14.500 денари по работник, но со последната измена се овозможува сопствениците кои ќе добијат државна помош да можат на отпуштат до 15 отсто од работниците. Ова за синдикатот е неприфатливо.

Трудовиот инспекторат досега врати на работа 140 незаконски отпуштени работници. Заради ова синдикаците се сомневаат дека дел од работодавачите ја злоупотребуваат кризата за да ги намалат работничките права, па дури и да делат откази без основа.