Претседателот на Светска банка, Дејвид Малпасm ја најавил својата оставка на крајот на јуни, речиси цела година пред истекот на неговиот мандат.
Поранешниот инвестициски банкар не навел конкретна причина за заминувањето, известува агенцијата Reuters.
„Изминатите четири години се едни од најважните во мојата кариера. По огромниот напредок и темелно размислување, решив да се свртам кон нови предизвици“, истакнал Малпас.
Малпас беше назначен на челната позиција во Светската банка од поранешниот американски претседател Доналд Трамп, во чие Министерство за финансии беше задолжен за меѓународните прашања.
Претседателот на Светска банка во заминување ја информирал американската министерка за финансии Џенет Јелен за својата одлука во вторникот, според извор запознаен со ова прашање.
Во последните месеци Јелен бараше од Малпас да ги забрза реформите во работата на Светската банка, а во јануари не сакаше да одговори на прашањето дали САД ќе го поддржат неговиот втор мандат на чело на Светската банка.
По најавата за заминување, таа преку официјално соопштение му се заблагодарила за сработеното.
„Тој му помогна на светот со силна поддршка за Украина, која се соочи со нелегална и неиспровоцирана руска инвазија, критична работа за помош на народот во Авганистан и посветеност да им помогне на сиромашните земји да го намалат својот долг и да го направат одржлив“, рече Јелен.
Американската министерка за финансии додаде дека САД наскоро ќе предложат замена за Малпас. Долгогодишна традиција е САД да избираат шеф на Светска банка, а Европа прв човек на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Се очекува дека Малпас ќе ја извршува функцијата во април, за време на пролетните состаноци на Светската банка и ММФ, но би можел да замине пред крајот на јуни, со оглед на временската рамка за именување и потврдување на неговиот наследникот, рекол еден од изворите.
Главни кандидати за таа позиција се поранешниот директор на Американската агенција за меѓународен развој (USAIDД) Раџив Шах и нејзината сегашна директорка Саманта Пауер, забележува Reuters.
Во текот на фискалната 2022 година, Светската банка одвоила повеќе од 104 милијарди долари за проекти ширум светот, според годишниот извештај на банката.