
Вкупно 356 барања за финансиска поддршка за исплата на плати се поднесени до Управата за јавни приходи преку системот Е- даноци во текот на вчерашниот ден.
Врз основа на Уредбата за финансиска подршка за работодавачите за исплата на плати за април и мај, која беше изменета и дополнета вчера, Управата за јавни приходи го постави образецот БФП-ИП согласно измените и го овозможи поднесувањето на барањето за оваа финансиска поддршка, а резултатите, како што велат, се очигледно уште од првиот ден.
„Затоа уште еднаш ги повикуваме работодавачите да аплицираат за оваа финансиска поддршка – 14.500 денари за исплата на плата за секој вработен, и да ја користат оваа поволност која ја донесе Владата на Република Северна Македонија, се со цел намалување на последиците од здравствено – економската криза која го зафати целиот свет“, се вели во соопштението од УЈП.
Даночните обврзници користат и други антикризни мерки, односно ослободувањата од плаќање на аконтации на данок на личен доход и данок на добивка.
Досега, барање за ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на добивка за месеците март, април и мај поднеле 688 даночни обврзници, а за ослободување од плаќање на аконтации на данок на личен доход 380 даночни обврзници. Овие барања се комплетни и се потврдени од Управата за јавни приходи.