Првиот меѓународен конгрес за аутизам и АДХД преку онлајн пренос ќе овозможи пристап до стручни сознанија за пошироката јавност

Фондацијата Д-р. Верица Механџиска, во соработка со Зегин, Здружението на педијатри на Р.Македонија и здружението “Во мојот свет” објави дека претстојниот Меѓународен конгрес за аутизам и АДХД ќе биде достапен за следење онлајн, во живо.

Конгресот, кој ќе се одржи во хотелот Лимак од 13 до 15 ноември, ќе обедини врвни домашни и меѓународни експерти од САД, Русија, Шпанија, Финска, Турција, Велика Британија, Швајцарија, Србија, Хрватска и Косово, кои ќе придонесат со уникатни сознанија за аутизмот и АДХД. Со богат тематски распоред, тридневниот настан нуди можност за продлабочување на разбирањето и поттикнување на инклузивна иднина за лицата со овие состојби.

„Конгресот за аутизам и АДХД е уникатна можност да се слушнат меѓународни експерти и нови истражувања од областа. Токму затоа, поради ограничениот број на посетители и гости, ќе овозможиме конгресот да се следи и онлајн во живо за сите коишто немаат можност да присуствуваат лично а сакаат да бидат дел од оваа важна дискусија за инклузија и поддршка“ – велат организаторите.

Оваа одлука има за цел да го отвори конгресот за пошироката јавност, овозможувајќи им на здравствените работници, едукаторите, родителите и поддржувачите да ги слушнат најновите истражувања, пристапи за третман и стратегии за застапување. Конгресот е структуриран на начин што е пристапен за научната јавност, но и за пошироката заедница.

Првите два дена, 13 и 14 ноември, се посветени на научни излагања и дискусии од страна на експертите. Темите ќе опфатат истражувања за промените во функцијата на мозокот кај лицата со аутизам, митохондријалната дисфункција, моторните нарушувања, нарушувањата на сонот, епилепсијата, можностите за рана дијагностика, како и можните пренатални фактори што влијаат врз невроразвојот.

Во програмата на 13 ноември ќе бидат опфатени и темите за поврзаноста помеѓу аутистичниот спектар и бременоста, со фокус на можни фактори што би можеле да влијаат на потомството уште за време на бременоста, како и можноста за проценка на невролошкиот развој на детето уште во пренаталниот период.

Во фокус ќе биде и важноста на раната дијагностика и интервенција по раѓањето на детето, а ќе се отвори и темата за „лажниот“ аутизам, прашање кое предизвикува особено внимание.

Исто така, ќе се истражи и возрасната популација со АДХД, при што ќе се дискутираат начини за дијагностика кај возрасни лица, стигмите со кои тие се соочуваат, како и предизвиците поврзани со оваа состојба.

Вториот ден е посветен на генетиката, на улогата и асоцијацијата на цревниот микробиом, исхраната и нутритивен статус кај децата со аутистичен спектар со особен акцент на важноста на пробиотиците. Ќе се разгледаат пристапите кон децата со невроразвојно доцнење, за полот и неуродиверзитетот кај АДХД и АСН. Ќе се даде акцент и на младите и адолесцентите, зависноста од интернетот, самоповредувачко однесување и како да се третира, и секако ќе се разгледа менталното здравје на младите во нашата држава.

Третиот и последен ден од конгресот е наменет специјално за родителите на деца со аутизам и АДХД. Најпрво ќе се разгледа состојбата на АДХД во Европа, а преку панел дискусии и интерактивни работилници ке се разгледуваат теми за рана дијагностика и третман кај невроразвојни нарушувања со акцент на АСН и АДХД, за влијанието на раната изложеност на децата на екраните врз говорно-јазичкиот развој и сензорната интеграција, за практичните вежби со деца со АСН. Ќе се понудат нови можности за терапија кај овие лица, но ќе се зборува и за откривање на потенцијалот, т.е. можности за работно ангажирање и професионален успех кај младите со нарушување од спектар на аутизам.

„Нашата цел е да го поттикнеме нашето општество во правец на поголема поддршка и инклузивност за лица со аутизам и АДХД, со што ќе се отстранат бариерите и ќе се подигне свесноста на овие теми. Овој настан е за нас еден многу сериозен чекор во рамки на пошироката кампања за аутизам и АДХД и среќни сме што експертските излагања ќе бидат достапни за сите што сакаат да ги слушнат“ – објаснуваат одговорните лица од Фондацијата Др. Верица Механџиска.

Тридневниот меѓународен конгрес во областа на аутизмот и АДХД ќе може да се проследи преку YouTube канал на следниве линкови за секој ден поединечно

Ден 1    https://www.youtube.com/live/dREUCAEeyFs

Ден 2    https://youtube.com/live/Wkvd1IpZBUM?feature=share

Ден 3    https://youtube.com/live/QpWle6CgzaY?feature=share