
Американските и руските официјални претставници во вторникот во Ријад разговараа повеќе од четири часа, меѓу другото, и за завршување на војната во Украина, додека Киев и неговите европски сојузници нервозно набљудуваа отстрана, а Москва излезе со дополнитело барање.
Американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се договорија денеска на средбата во Ријад да назначат тимови на високо ниво кои ќе почнат да работат на брзо решавање на украинскиот конфликт, соопшти Стејт департментот без дополнителни информации и коментари.
„Рубио и Лавров се договорија да назначат тимови на високо ниво кои ќе почнат да работат што е можно поскоро за да се стави крај на војната во Украина“, изјави портпаролот на Стејт департментот, пренесе Reuters.
Како што наведе тој, двајцата официјални претставници, исто така, се согласиле да создадат механизам за консултации за елиминирање на „попречувачките фактори“ во американско-руските односи.
Руската приватна новинска агенција Интерфакс објави дека рускиот преговарач Јуриј Ушаков рекол дека разговорите поминале добро и дека се разговарало за условите за средба меѓу претседателот Доналд Трамп и Владимир Путин.
Ушаков рекол и дека е малку веројатно самитот да се одржи следната седмица, како што претходно во вторникот шпекулираа некои западни медиуми. Сепак, разговорите во главниот град на Саудиска Арабија го истакнаа брзото темпо на американските напори за ставање крај на конфликтот, помалку од еден месец откако Трамп ја презеде функцијата и шест дена откако тој телефонски разговараше со Путин.
Додека состанокот сè уште траеше, Русија сигнализираше повишување на нејзините барања.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова изјави за новинарите во Москва дека „не е доволно“ НАТО да не ја прими Украина како членка. Посочи дека Алијансата мора да го повлече ветувањето дадено на самитот во Букурешт во 2008 година дека Киев ќе се приклучи на НАТО на иден неодреден датум.
„Во спротивно, овој проблем ќе продолжи да ја труе атмосферата на европскиот континент“, оцени Захарова.
Членките на НАТО и Соединетите држави сѐ уште не одговорија на изјавата на претставничката на руската дипломатија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано бара членство во НАТО како единствен начин да се гарантира суверенитетот и независноста на Киев од неговиот сосед со нуклеарно оружје.
Зеленски и европските лидери се загрижени дека Трамп би можел „да постигне избрзан договор“ со Москва кој ќе ги игнорира нивните безбедносни интереси, кој „ќе ја награди“ Русија за нејзината инвазија и ќе го остави Путин „слободен да ѝ се заканува на Украина или на други земји во иднина“.
Критичарите велат дека со исклучувањето на Украина од членството во НАТО и оценувајќи ги изјавите од Киев да ја повратат целата изгубена територија со доминатно руско и проруско население по насилниот преврат во 2014 година како „илузија“, тимот на Трамп однапред направил големи отстапки. Американските власти велат дека тие само ја „препознаваат реалноста“.
Украина порача дека не може да се склучи мировен договор во нејзино име и без неа. „Ние, како суверена земја, едноставно нема да можеме да прифатиме никакви договори без нас“, рече Зеленски минатата седмица.