Сојузот на синдикати на Македонија денеска го одбележува Меѓународниот ден на трудот, Први мај, со синдикален протест кој започна од пред седиштето на ССМ. Синдикатот бара усогласување на сите плати со порастот на минималната плата од 18.000 денари.
ССМ бара линеарно зголемување од 2.806 денари на сите плати во државата, почнувајќи од општиот работник до претседателот на државата.
Протестот започна во 12:30 часот пред зградата на ССМ и ќе продолжи пред Собранието, зградата на Организацијата на работодавачи и Стопанската комора и ќе заврши пред Владата каде ќе бидат упатени барањата.
– Потребни се похрабри, поинтензивни и побрзи реакции за надминување на проблемите, за зголемување на платите за 2.806 денари во нето износ на сите вработени во приватниот и во јавниот сектор, како и за креирање на нови визии и перспективи. Ја повикуваме Владата на поголема продуктивност и решителност во делувањето за зголемување на платите на работниците, се вели во прогласот на ССМ.
Одлуката да се организира синдикален протест на 1 Мај е донесена од Претседателството и Советот на ССМ.