Министерот Меџити го посети првото родено бебе во 2024 година

Министерот за здравство, Фатмир Меџити и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска утрово ја посетија Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, каде синоќа после полноќ, во 00:00 часот се роди првото бебе во 2024 година. Станува збор за здраво машко дете, тешко 3760 грама и долго 52 сантиметри. Ова е прво дете во семејството Стефковски.

Меџити му посака здравје, среќа и безгрижно детство на новороденото бебе, а на родителите им ги честиташе новогодишните празници.

Министерката за труд и социјална политика Тренчевска информираше дека традиционално секоја година со министерот за здравство се во посета на јавно-здравствената установа кадешто се родило првото бебе.

Директорката на ГАК д-р Викторија Јовановска потенцираше дека годината почна убаво со три родени бебиња во првите 15 минути веднаш по новата година.