Руската рубља падна на најниското ниво за речиси една година, бидејќи комбинацијата на слаби девизни приливи и одлив на капитал ја ограничи ликвидноста и ги намали ефектите од релативно високите цени на нафтата, објави Ројтерс.
Во почетокот на трговијата, рубљата загуби 0,3 отсто во однос на доларот на 80,09 рубљи, накратко падна на 80,24 рубљи, што е најниско ниво на руската валута од 18 април 2022 година.
Истовремено, рубљата падна за 0,2 отсто во однос на еврото на 87,47 рубљи, а во однос на јуанот за 0,4 отсто на 11,63 рубљи.
Суровата нафта „брент“, глобален репер за рускиот извоз, денеска падна за 0,5 отсто на 84,60 долари за барел, но сепак остана далеку над минатонеделните нивоа.
Иако високите цени на нафтата генерално ја поддржуваат рубљата, ограничувањата на рускиот извоз на црно злато во овој случај предизвикуваат дополнителна штета на руската валута.