Во октомври банките во еврозоната ги намалија заемите на компаниите првпат од летото 2015 година, покажаа во вторникот објавените податоци на Европската централна банка (ECB).
Банкарските кредити на компаниите се намалени во октомври за 0,3 отсто во однос на истиот месец лани, по растот од 0,2 отсто во претходниот месец, објави централната банка на еврозоната.
Последен пат банките ги намалија кредитните пласмани на компаниите во јули 2015 година, кога еврозоната почна да закрепнува од должничката криза.
Кредитирањето на домаќинствата во октомври е зголемено за 0,6 отсто, најслабо од почетокот на 2015 година. Во септември беше зголемено за 0,8 отсто.
Намаленото кредитирање на компаниите и ограничената понуда на пари се резултат на заострената монетарна политика на ECB, која од јули минатата година до средината на септември годинава ги зголеми каматните стапки за 4,5 процентни поени, со цел да ја заузда инфлацијата преку ограничување на побарувачката.
Построгите услови за финансирање резултираа со пад на економската активност во зоната на примена на заедничката валута во третиот квартал, а „S&P Global“ во најновото месечно истражување за деловните активности проценува дека може да влезе во рецесија на крајот на оваа година.
Некои аналитичари сега стравуваат дека ЕCB отишла предалеку во зголемувањето на каматните стапки и дека кредитирањето станало толку рестриктивно што би можело да ја продлабочи рецесијата или да го забави закрепнувањето на економијата во наредната година, забележува Reuters.