Успешно е изведена интервенцијата механичка тромбектомија кај 70 годишен пациент, кој доживеал мозочен удар во текот на вчерашниот ден во Македонија. Станува збор за многу сериозен и сложен зафат на мозокот, во делот каде се случува ударот, предизвикан од тромб.
Пациентот е спасен од сигурна смрт, информираат од Министерството за здравство. Во тимот доктори, кои првпат во нашата држава го извршија овој успешен зафат, посочуваат од Министерството, беа доц. д-р Венко Филипче, д-р Менка Лазаревска, д-р Вјолца Алији и д-р Петар Јаневски. Невролозите д-р Јасна Петреска, д-р Ана Донева и д-р Драгана Цветковска, како и анестезиолозите д-р Јасна Бушиновска и д-р Ида Теменугова.
– Станува збор за многу сложена и тешка операција на крвните садови во мозокот. Операцијата е направена само по неколку часа од ударот, успеавме да го извадиме тромбот (згрутчување на крвта) и да го спасиме пациентот. Овие таканаречени „удари“ често се фатални за пациентите и досега во Македонија не е извршен ваков зафат. Со оваа интервенција, која првпат се примени во Македонија, застанавме рамо до рамо со светските медицински центри, вели министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче.